Мегафон

Почина балетскиот маг Екрем Хусеин

Почина балетскиот маг Екрем Хусеин

Семејството на истакнатиот македонски балетски танчер Екрем Хусеин преку социјалните мрежи соопшти за смртта на овој балетски маг. Доајенот на македонскиот балет ќе остане запаметен по безбројни улоги, емоции и неповторлив талент кои несебично ги покажуваше на сцената.

-Немаше каде да играме, немаше игралишта, па татко му на мојот другар, Хазарос, кој беше оперски пејач, првак во операта, Артур Сурмеан, еден ден ме зеде со него во театарот. Тие беа Ерменци, а нашите куќи беа една спроти друга. А театарот, што да ви кажувам, многу се зборува за него, но само постарите знаат колку беше прекрасен, рече во интервју за порталот МКД.мк, Хусеин.

Тој со претставата”Црвениот лебед” прослави пет децении активно учество на сцената на Балетот.

-На сцената сум од 1950 и некоја, уште како ученик во средното балетско училиште. Дебитирав во претставата „Ромео и Јулија“ од Димитрие Паниќ, кореограф од Белград. Затоа и велам дека прославувам 55 годишен јубилеј, а официјално со договор, со плата, ме ангажираа во 1960-та, 61-ва година. И така. Кореографот од Белград ме избра да играм во претставата. Напорно вежбав, но за сето тоа време не ми кажуваа дека ќе ја играм улогата на Меркуцио. Тогаш сè уште не знаев дека можам да играм таква голема и важна улога. Немате претстава колку многу народ дојде тогаш на претставата, колку многу ни аплаудираа. 15 минути скандираа. Јас не бев свесен што се случува. Сè уште бев дете. Тоа беше првиот и единствен пат кога мајка ми ме виде на сцена. Дојде на претставата со внуката. На сцената каде што мене, како Меркуцио, ме прободуваа со меч, солзи ронела. Среќен сум што ме гледаше тогаш зашто после ме испратија во војска. Ми одложија 1-2 години, но после морав да одам. Служев 18 месеци. Таа се разболе и почина додека јас бев војник во Црна Гора, ќе рече во истото интервју Екрем.

извор:република

To top