Мегафон

Три филма од „Докуникулци“ ќе бидат прикажани на „МакеДокс“

Три филма од „Докуникулци“ ќе бидат прикажани на „МакеДокс“

Три филма на првата генерација „Докуникулци“ која произлезе од минатогодишната летна школа на „МакеДокс“ ќе бидат премиерно прикажани на годинашното издание на фестивалот.

Трите филма ќе бидат прикажани во Програмата за деца и млади, а денеска ќе бидат премиерно проектирани краткиот документарен филм „Адолесцензура“ на Леа Димитрова и филмот „Поглед во очите“ на Јоана Арсовска.

Филмот „Адолесцензура“ зборува за три другарки кои си ги решаваат проблемите низ муабет и со кафе и бараат решение за цензурата, а „Поглед во очите“ е филм за животот пред и по ужасот наречен сексуално насилство. Едниот од протагонистите е анонимен, а другиот е самата 17-годишна режисерка.

Премиерата на третиот документарен филм „Поинакви“ на Розе Симоновска ќе се одржи утре. Во филмот, Јордан нè води на патување во светот на аутистите кои знаат да уживаат во животот, и покрај чудните погледи и тесните гледишта на сограѓаните.

Покрај филмските премиери, во Музејот на современа уметност се одржува втората работилница на темата „Режирање реалност“ со полскиот автор Војцех Старон. Работилницата, која се одржува со поддршка од Филмската фондација на Краков, почна со проекција на филмот „Сибирска лекција“ и со дискусија на која полскиот снимател и режисер на документарни филмови ги пренесе своите филмски искуства.

Во рамки на фестивалот беа претставени и членовите на петте комисии кои ќе ги доделат наградите на „МакеДокс“.

Наградите ќе бидат доделени во четврток во Куршумли-ан, а статуетките се изработени од словенечкиот академски скулптор Примож Селишкар.

Деветтото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, Програмата МЕДИА на Креативна Европа, Фондацијата за развој на демократијата од Вашингтон и Град Скопје.

миа

To top