„За здрави и среќни животни“ е именувана новата кампања за подигнување на свеста кај посетителите, чија цел е да се спречат несовесните посетители да фрлаат храна, но и отпадоци во живеалиштата на животните во Зоолошката градина во Скопје.
„Почнавме со кампањата за зашита на животните. Причина за тоа се несовесните граѓани кои и покрај предупредувањата, на животните им даваат висококалорична храна, но фрлаат и отпадоци кои можат да го загрозат нивниот живот. Нашите животни се хранат со здрава храна, редовно и по нормативи. Секој жител на Зоолошката има свое мени, а исхраната е составена само од висококвалитетна храна богата со витамини, минерали, протеини“ – соопштуваат од Зоолошката градина.
Први кои се приклучија кон кампањата како ЗОО негуватели беа пејачката Тамара и нејзината ќеркичка Хана.
Најпривлечни и најмили како и секогаш на малата Хана и беа питомите лемури.
Таа не можеше да ја скрие радоста од блиската средба со нив, додека Тамара ги хранеше со банани и друго овошје.
На Тамара ќе и се приклучат и многу други јавни личности – спортисти, пејачи, актери кои ќе бидат во улога на ЗОО негуватели и ќе ги предупредуваат и едуцираат несовесните посетители да не фрлаат нездрава храна кај животните.