Мегафон ревија на хитови и парада на ѕвезди

Ѕвезден сјај збогатен со свежа музичка надеж на втората ревијална вечер од 38-то издание на Макфест (Галерија)

Ѕвезден сјај збогатен со свежа музичка надеж на втората ревијална вечер од 38-то издание на Макфест (Галерија)

Во сабота (21 октомври) се одржа втората ревијална вечер од 38-то издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2023“.

Во домот на културата „Ацо Шопов“ настапија 13 афирмирани македонски музички имиња, на кои им се придружија и петте кои со гласовите на публиката и жирито беа избрани за најдобри од првата фестивалска вечер.

Со настапот на познатите македонски музички имиња на макфестовската сцена, фестивалот дополнително го доби ѕвездениот сјај кој го имаше некогаш, па ова издание беше пример дека престижот да се настапува на „Макфест“ се врати назад, што за следните изданија  поставии поголеми очекувања кога се настапите на најголемите македонски ѕвезди на фестивалот во прашање.

Вечерта започна со настапот на петмината изведувачи, односно младите надежни имиња чии песни и настапи се издвоија претходно, во првата макфестовска вечер.

Александра Трајческа, Blue, Драгана Јовановска, Јасмин Алиевски и Тијана Периќ беа имињата кои ја имаа привилегијата по вторпат да ги отпеат своите песни.

По нив следеа најавените и веќе очекувани музички имиња, секој со песни во својот препознатлив фазон, делумно со шмек на новото модерно музичко време.

Владо Јаневски, Андријана Јаневска, Таско и Магдалена, Панче Касапски, Ламбе Алабаковски и Полина, Симона Поповска, Огнен Здравковски, Марија Спасовска, Бојана Скендеровски, Александар Тарабунов, групата „Љубојна“, Зоран Илиев и Боно и Давид Миладинов…

Сите буквално блескаа на макфестовската сцена, вдахновувајќи му нова душа на фестивалот. И сето тоа збогатено со специјалната визуелизација на сцената преку видеоскриновите на кои течеше видео приказна, специјално подготвена за секоја песна, која соодветствува со нејзиниот жанр, ритам и приказната во стиховите. Нешто што досега никогаш не се случило и не беше видено, давајќу ми на „Макфест“ уште една дополнителна содржина која ги следи тековите на новото време.

Повеќето од пејачите како искусни или победници од изминатите изданија, макфестовската сцена ја чувствуваа како своја, а таа енергија пулсираше во секој од настапите, што публиката и тоа како знаеше да го почувствува, возвраќајќи го својот фидбек кон изведувачите со аплаузи и овации.

Вечерта како изненадување во вид на најава на пејачите, покрај водителската двојка Марјана Станојковска – Димитар Атансовски имаше и неколку специјални презентери, а највпечатливо од сите беше појавувањето на Вера Јанковиќ, која години наназад беше заштитно водителско лице на фестивалот.

На сцената застанаа и Миро Кацаров кој ги поздрави своите сограѓани штипјани, а до него беше и Светлана Црнокрак.

Пејачите секогаш знаат да кажат дека дружењето е најважното од фестивалите, а овој пат тоа беше во комплетна смисла, бидејќи наградите беа изоставени, зашто заложбите на организаторот и уметничкиот  совет на фестивалот се новата концепција на „Макфест“ да донесе што повеќе хитови и песни што ќе останат, без да ги оптоварува изведувачите со трка по награди.

Единствена парична награда од 120 илјади денари беше доделена на Лара и Пајак за „Бела“ како најслушана песна меѓу две изданија на фестивалот со импресивни 27 милиони прегледи на Јутјуб.

Се’ на се“, годинешниот „Макфест 2023“ донесе нов ветер и нова енергија, вбризга свежа крв, направи квалитативен апдејт на лани започнатото, како надградба на она што некогаш било  и останало музичка  историја и ова што денешното време и модерните текови го бараат. Вистинска музичка фешта, ревија на хитови и парада на големи ѕвезди, како и оние кои допрва се раѓаат, чии настапи и песни ветуваат нова иднина за македонската музичка сцена. Нивното вртење во радио и ТВ етерот и присуството во медиумите во текот на годината, меѓу две фестивалски изданија, тоа допрва треба и да го потврди.

Конечно и од виденото и прикажаното во двете фестивалски вечери, доволно може да се заклучи дека тимот што работеше и го правеше музичкиот избор, уметничкиот директор Роберт Саздов и членот на Уметничкиот совет  Јован Јованов, направиле вистински погодок во желбата да ја спојат традицијата и денешнината, шлагерот и (т)рапот, поп музиката и фестивалската балада… Да направат совршен баланс на различни музички правци и жанрови, заено сите модерно спакувани во едно одлично фестивалско издание.

Беспрекорната фестивалска организација на општина Штип на чело со градоначалникот Иван Јорданов и главниот координатор на фестивалот Александар Арсовски, како и целокупната екипа која работела на подготовките, се само уште една потврда дека кога се има желба и знаење и со сопствени сили и финансии може да се организира повеќе од добар фестивалски спектакл.

Тоа го потврди и огромниот интерес на македонските медиуми кои беа бројни и масовно присутни при комплетното следење  на фестивалот уште од самите негови подготовки до последната отпеана нота како никогаш досега во последните години, што е само некаква „јаготка на шлагот“ и потврда дека добриот ПР и маркетинг се влог кој повеќекратно носи добивка за сите…

Најмногу за македонската публика и јавноста воопшто, која е желна за добра македонска музика, хитови, забава, дружење… А на годинешниов Макфест 2023 сето ова го имаше во изобилство!

Во продолжение погледнете ја фото галеријата од втората вечер на Макфест 2023:

фото: Vo Stip.мк принтскрин/ Приватна архива

 

To top