Светската супер група, психоделичниот експериментален секстет од Јанина, Грција VILLAGERS OF IOANNINA CITY за прв пат ќе настапат во Скопје на 9 октомври (понеделник) со почеток во 21 часот во Младинскиот културен центар.
Овој музички состав, кој својата 45 дневна европска турнеја ја започнува токму во Скопје, постои од 2007 година и оттогаш ги освојува европските музички фестивали. Нивната музика се класифицира како пост, стонер и психоделичен рок со карактеристична полифонија, специфични ритми и употреба на фолклорна музика од Епир на кларинет, кавал и гајда.
Од нивното оформување до денес, имаат издадено 3 студиски албуми: “Riza” (2010), “Age of Aquarius” (2019) и последниот “Through space and time” (2021). Од самите нивни почетоци, Villagers of Ioannina City патуваат низ цела Грција, како и во голем дел од европските метрополи (Берлин, Амстердам, Барселона, Лондон). Нивните концерти вклучуваат вистински музичко-светлосен продукциски спектакл чија цел е да ја понесе публиката на мистично космичко патување. За тоа говорат и двата концерти во Атина во 2015 и 2019 со повеќе од 6000 присутна публика.
Villagers of Ioannina City за прв пат во Скопје, се надеваме не и последен, велат организаторите од МКЦ.
Билети се уште по промотивна цена на билетарницата на МКЦ или на онлајн линкот bileti.mkc.mk.
Концертот е дел од културна понуда на Град Скопје како Европска престолнина на културата за 2028 година.