Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со 13 локали од Скопје ќе реализираат низа активности со кои заеднички ќе се заземат да ги спојат возењето велосипед и непосредниот допир со природата.
„Ова лето, месец јуни го прогласуваме за месец на велосипедистите. Новата активност, под слоганот „Јуни е за јунаци со точаци“, има за цел поактивна и почеста употреба на велосипедот како превозно средство, а истовремено има цел поголема едукација на младите, со што директно ќе се влијае на подигнување на свесноста за здрави животни навики и позитивни сообраќајни ставови.
Велосипедизмот е најефикасна форма на транспорт, а урбаното возење точак е вистински тренд во светот. Во таа насока, вистинско задоволство е да се најави една ваква активност која доби широка поддршка од приватните угостители кои со задоволство прифатија да бидат дел од неа.
Ние сме активен поддржувач на алтернативните форми на мобилност и во таа насока ги поттикнуваме сите учесници во сообраќајот да го остават својот автомобил и да отидат на кафе со велосипед“, велат од РСБСП.
Активноста ќе се реализира во периодот од 11 јуни до 30 јуни, оваа година. Во овој временски период, велосипедот ќе ѝм донесе 10% попуст на целата сметка на сите оние кои со него ќе дојдат во: Барбакан, Кино Карпош, Винил, Тхирио, Coffee Factory, Брик, Твинс, Casa Bar, Паладиум, Центар Бар, Soul Kitchen, Boulevard и BellaVista.
Во рамки на активноста, РСБСП ќе ги едуцира учесниците во сообраќајот за правата и за одговорностите на велосипедистите, истовремено ќе поттикнува почесто и поактивно возење велосипед.
РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот да живеат здраво, да ја чуваат животната средина и своето здравје, да возат велосипед и да придонесат за намалување на сообраќајниот метежи.