Мегафон

„Македонијо во срце те носиме“ оди во Битола

„Македонијо во срце те носиме“ оди во Битола

Платото на Офицерскиот дом во Битола ќе биде местото каде во среда со почеток во 20:30 часот ќе се одржи вториот концерт од караванот „Македонијо во срце те носиме“.
На сцената публиката ќе ги види и чуе Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Зуица Лазова, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Марија Спасевска, Мина Блажев, ДНК, Ламбе Алабаковски и Миле Кузмановски.

Проектот со потписот на Скендеровски продукција, а во чии рамки 12 македонски изведувачи препеаја исто толку родољубиви песни – сите спакувани во ново руво од маестро Николче Мицевски, има единствена цел да им се продолжи векот на песните и да се испрати порака особено до  младите генерации дека треба да го чуваме она што го имаме, највредното – нашата земја и нејзиното наследство.
Затоа бидете дел од караванот „Македонијо во срце те носиме“, дојдете заедно да ги отпееме најубавите македонски патриотски песни, да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кој ни го оставиле генерациите пред нас.

Сите концерти почнуваат во 20:30 часот, а по Битола во преубавата македонска песна ќе ужива и публиката во Велес, Прилеп, Кочани, Тетово, Кавадарци и Скопје.

Караванот тргна од плоштадот во Штип, а планирано е да заврши во Скопје.

 

To top