Кампањата ќе промовира внимателно и одговорно учество во сообраќајот, ќе едуцира за важноста од почитување на сообраќајните правила и прописи. Со оваа кампања, ракометниот клуб Вардар, како општествено одговорен бренд ќе даде придонес за подигнување на сообраќајната култура кај сите учесници во сообраќајот.
„Шампионите возат одговорно“,
„Црвен картон за некултурата во сообраќајот“,
„Биди тимски играч – дај им предност на пешаците“
„Тајм аут – закочи пред да биде предоцна“.
Кампањата која ќе биде присутна во печатените, електронските и социјалните медиуми, ќе биде промовирана и во спортските центри во кои настапуваат нашите европски шампиони.
Предвидено е на граничните премини за влез во Македонија да бидат поставени едукативни постери на англиски јазик, наменети за информирање и едуцирање на странските возачи кои влегуваат во Република Македонија.
-Особено значаен е придонесот што РК Вардар го дава во реализацијата на оваа кампања. Шампионите играат одговорно на терен и постигнуваат резултати, но за да постигнеме добри резултати во сообраќајот, мора да возиме одговорно и да се однесуваме шампионски во него, вели Стојче Стаменковски, претседател на РСБСП.
-За нас преставува привилегија и задоволство што имаме можност да дадеме придонес за подигнување на сообраќајната свест и култура. Јас, сите ракометари на Вардар и сите вработени во клубот сме дел до сообраќајот и од тие причини со задоволство прифативме да дадеме поддршка на оваа кампања и ќе ја поддржиме во целост, истакна Давор Стојаноски, директор на ракометниот клуб Вардар.
РСБСП и РК Вардар апелираат до сите учесници во сообраќајот да возат безбедно и одговорно, да се однесуваат тимски на патиштата и да бидат шампиони со своето позитивно и одговорно однесување во сообраќајот.
Кампањата ќе се реализира во две фази. Првата фаза започнува денес и ќе трае шест месеци.