Филмот постави рекорд за Грета Гервиг, која стана прва режисерка која ја надмина границата од милијарда долари заработка. Дистрибутерите на филмот велат дека тој ги надминал нивните „најоптимистички предвидувања“.
Филмот „Барби“ по само две и пол недели прикажувања во кината ширум светот, донесе заработка од над 1 милијарда долари (повеќе од 900 милиони евра), соопшти „Ворнер Брос Пикчрс“. Според продукциската фирма, само во САД и Канада досега се продадени билети во вредност од 549 милиони долари, а од почетокот на прикажувањето на филмот на 21 јули во светот се продадени билети во вредност од 572,1 милиони долари.
„Како шефови на дистрибуција, ние не остануваме толку често без зборови поради изведба на некој филм, но Барбилион ги надмина дури и нашите најоптимистички предвидувања“, велат Џеф Голдстајн и Ендру Крипс, кои се задолжени за домашната и меѓународната дистрибуција на филмот.
Продажбата е потврдена и од фирмата за медиумска анализа Комскор.
Главниот конкурент на „Барби“ во последните две недели, биографскиот филм за Опенхајмер на Кристофер Нолан, во меѓувреме собра 228,6 милиони долари дома и 552,9 милиони долари на глобално ниво, што го прави филм со најголема заработка меѓу филмовите кои се само за возрасни.
Филмот „Барби“ постави рекорд за режисерката и косценарист Грета Гервиг, со што таа стана првата соло режисерка која ја надмина границата од 1 милијарда долари заработка. Други режисерки ја имаат надминато оваа граница, но како корежисерки.