Св. Илија (Громовникот) е еден од култните светци кај православните Македонци, бидејќи православната црква го има поистоветено со Перун Громовникот, од словенската митологија, кога вршела покрстување на Словените. Култот кон Перун бил широко развиен кај македонските Словени, па така тие го замениле своето омилено божество со христијанскиот светец. Овој култ кон Перун/Илија, и денес е присутен кај Македонците.
Св. Илија бил боговидец, чудотворец, ревнител за Божјата вера. Бил родум од племето Ароново, од градот Тесвит и затоа е наречен Тесвитјанин. Кога се родил Илија, неговиот татко Савах видел ангели Божји околу детето како го повиваат во оган и му даваат да јаде пламен. Тоа било предзнак за неговиот пламенен карактер и за богодаруваната огнена сила во него. Целата своја младост ја минал во богомислие и во молитва, повлекувајќи се често во пустината за во тишина да размислува и да се моли.
Се верува дека Свети Илија се вознел на небото во пламени кочии, така што таа сцена е прикажана на празникот Илинденски икони. Се смета дека пред крајот на светот, Илија повторно ќе се јави за да ја сотре силата на Антихристот.
Според верувањата, Свети Илија е најсушниот и најтоплиот ден од годината. Во народот се вели дека по празникот Св.Илија полека одминуваат жештините и сонцето е поблаго. Старите велат дека на овој ден е добро да јадете мед за здравје.
Се верува дека токму Св. Илија е тој кој одредува кога и каде ќе падне дожд, а кога ќе биде суша. Поради тоа и до ден денешен во селата се задржал обичајот на Свети Илија да не се работи на поле, за да не се навлече гневот на светителот.
Денес слават именден сите оние кои ги носат имињата: Илина, Илинка, Илинденка, Илија, Илчо, Иле, Ико… Среќен именден!