Еден од светски најпризнатите музичари од просторот на поранешна Југославија, Влатко Стефановски со своите колеги ќе настапи како главна ѕвезда на претстојниот фестивал „Рокеријада“, кој ќе се одржи на 31 август и 1 септември во српскиот град Петровац на Млава, соопштија организаторите.
„Рокеријадата“ како фестивал првично се одржа во 2016 година, по повод прославата од 50 години рокенрол во Петровац на Млава, во организација на „Здружението на граѓани Фабрика“, а сега веќе станува традиционална манифестација чија програма се збогатува од година во година. На минатите изданија, освен настапи на локални бендови од различни жанрови, програмата на „Рокеријада“ изобилуваше со дополнителни активности како што се изложби на фотографии, работилници и тн.
После мошне успешните изданија во 2016 и 2017 гофина, организаторите одлучија да направат неколку крупни програмски чекори, така што „Рокеријада 2018“ за сите љубители на рок-културата продготвува низа нови програмски целини.
Еден од новитетите е натпреварот на млади рок-бендови од Србија. Најдобрите бендови ги очекуваат вредни награди кои ќе им помогнат во понатамошната кариера, како што се снимање песни и видеа, издавање сингл за една од најактивните српски издавачки куќи, промовирање во медиумите, а вредните награди се подготвени и за најдобрите поединци. Конкурсот ќе биде отворен од 1 до 30 јуни, а сите дополнителни информации ќе бидат објавени наскоро.
Освен квалитетните авторски локални бендови, публиката следниот ден на градскиот плоштад во Петровац на Млава ќе има можност во живо да го види и светски признатиот Влатко Стефановски.