Уште од средината на месец јуни во македонските естрадни кругови срамежливо почна да се врти веста дека музичкиот менаџер Кристијан Стефановски – Кико е уапсен во Грција! Чаршијата и музичките кулоари како првична вест наведуваа дека се работи за некакво „перење на пари“, но без конкретна потврда дали информацијата е точна, како и причината доколку е тоа навистина така.
Ден – два подоцна шпекулативен статус со ваква содржина осамна на Фејсбук профилот на новинарот Зоран „Буре весник“ Божиновски. Веќе во наредните 24 часа проструи веста дека ненадејно починал токму таткото на споменатиот менаџер, што уште повеќе ги подгреа сомнежите дека нешто сепак тука можеби и има.
Токму оние кои биле на неговиот погреб и последнито испраќање до вечното почивалиште потврдуваат дека неговиот син Кристијан не се појавил на погребот на својот татко, што повеќе од јасно укажува дека шпекулациите се сепак вистинити.
Редакцијата на Вистина.ком.мк тргнувајќи по патот до вистината се обиде да добие и официјални информации. Упатувајќи се на вистинската адреса од извори на Министерството за надворешни работи на С. Македонија (МНР), информацијата неофицијално е потврдена, иако од таму тврдат дека се уште не добиле никаков писмен допис од надлежните институции на јужниот сосед, па затоа до сега и не излегле со целосна информација за случајот. Сепак, според нивно кажување, усно, односно телефонски е потврдено дека лицето К.С. од Скопје на 13 јуни е лишено од слобода во Република Грција, по меѓународна потерница заради сомнеж за вмешаност во меѓународен криминал и во моментов истото се наоѓа во притвор. Официјалните информации за јавноста допрва се очекуваат.
Инаку менаџерот Кристијан Стефановски е познат како организатор на мноштво концерти на најголемите регионални музички имиња и во Скопје и ширум Македонија. Од Здравко Чолиќ, Жељко Јоксимовиќ, Владо Георгиев, Саша Ковачевиќ, Жељко Самарџиќ, Мирослав Илиќ, Ацо Пејовиќ… и уште многу други поголеми и помали музички ѕвезди.
За него се шпекулираше уште во 2014 година дека е директно вмешан во местењето на тогаш „Скопскиот фестивал“ со фамозното телевоутинг гласање со СМС пораки, односно телефонски картички, но случајот како што беше отворен, така преку ноќ и се заташка и за тоа кривично никој не одговараше.
Во 2018 година на менаџерот Стефановски му беше запален скапиот автомобил марка BMW непосредно по концертот на Здравко Чолиќ во Скопје, но сторителите не беа пронајдени. И тогаш чаршијата шпекулираше дека во прашање е долг за ветен, но неплатен рекет, но ништо не се докажа, ниту пак некој беше обвинет и изнесен пред лицето на правдата.
Инаку за Кристијан Стефановски се смета дека е исклучително близок со актуелната власт на СДСМ преку неговата сопруга Ана, односно нејзината сестра, ракометарката Ива Стојковска.
На нејзината свадба во септември 2019 година гостин беше и тогашниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Фото: Инстаграм и Фејсбук принтскрин