Мегафон Decanter World Wine Awards 2023

Сребро повредно од злато за винарија Сарика

Имено, уникатниот Вранец Барик од бербата 2020 на винарија Сарика освои сребрен медал на најзначајниот вински натпревар во светот, Decanter World Wine Awards 2023 во Лондон во брутална конкуренција од илјадници вина од 57 земји.

Сребро повредно од злато за винарија Сарика

Честопати слушаме дека среќата ги следи храбрите но понекогаш забораваме дека вредните и посветените неизбежно ги следи успехот. Во винскиот свет овој успех ретко се случува посебно кога винарот не е познат и кога позади него не стојат богати компании или големи маркетиншки буџети. Затоа успехот на Гоце Станоески, сопственик и винар на брендот Сарика од Прилеп е огромен и без претерување еден од најзначајните за овој дел од винска Македонија.

Имено, уникатниот Вранец Барик од бербата 2020 на винарија Сарика освои сребрен медал на најзначајниот вински натпревар во светот, Decanter World Wine Awards 2023 во Лондон во брутална конкуренција од илјадници вина од 57 земји.

Со освоени високи 90 поени, Сарика влезе во т.н. сребрена категорија во која влегуваат и сите останати вина кои ќе ги исполнат строгите критериуми наметнати од организаторите, а следени од стотици професионални и објективни вински оценувачи. Покрај стандардните параметри кај виното многу се цени и неговата уникатност и автохтоност.

А Вранец Барик 2020 Сарика дефинитивно го поседува тоа во изобилство. Со мистично темно рубин боја и многу интензивен, чист мирис на зрели капини, компот од вишни и брусница, следени со дискретни тонови на графит и чадено дрво ќе ве маѓепса на прв здив. А потоа со своето робусно тело, богат екстракт, комплексност и зачудувачко меки и интегрирани танини кои што елегантно танцуваат со изразена свежина заради посебниот прилепски тероар од повисока надморска височина ќе ве „зароби“ и освои за долго време.

„Винаријата ја крстив според името на локацијата каде што ми се наоѓа фамилијарното лозје наследено од татко ми на надморска висина од 720 метри во близина на Прилеп, кое што го освежив пред неколку години со нови насади од сортата Вранец“.

„Се одлучив за еден тежок и скап пристап кон одгледување на квалитетно грозје знаејќи дека тоа е основниот услов за создавање премиум вино. Направив две редукции во текот на сезоната, еднаш на горните гроздови додека се неоплодени како зелени реси и уште еднаш на прошарок. Ова ме доведе до екстремно мала и концентрирана берба која што го даде потенцијалот за трасирање на патот за создавање на ова победничко вино. Многу сум горд на оваа награда која за мене како винар почетник е повредна и од злато и ме мотивира да продолжам понатаму по овој пат. Сеуште не ми се верува“ – возбудено ни изјави Гоце Станоески.

Ова е најдобар доказ дека покрај веќе прочуените и докажани локации и тероари во Тиквешкото и Велешкото виногорје, Македонија располага и со помалку познати, но исто толку квалитетни региони и локации какво што е прилепското виногорје. А таму, винарија Сарика веќе се етаблира како важен стожер и пионер во создавање на премиум вина.

Поврзани теми

To top