Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски денеска на прес конференција го најави годинешното издание на „Бит фест 2023“. Битолското културно лето започнува на 23 јуни во 21.00 часот во античкиот локалитет Хераклеја со спектакуларен настан насловен „Вива Верди“ со повеќе од 130 учесници: симфониски оркестар, хор, оперски солисти, кои ќе ги изведат најубавите извадоци од најпопуларните опери на Џузепе Верди како: Травијата, Аида, Моќ на судбината, Набуко, Риголето и др. Како солисти на концертот ќе се претстават: Горан Начевски, Наде Талевска, Кристијан Антовски, Марија Наумовска, Нико Ѓоргиевски и прекрасниот сопран – Зана Абази Рамадани.
Понатамошниот програмски концепт, ќе ги вклучи веќе одобрени проекти на традиционалните културни манифестации, како: „Солстис“, „Битола отворен град“, „Битола Шекспир фестивал“, „Локум фест“, „Незаборав“, „Илинденски денови“, за на крај на август повторно во духот на културата која ја негува Битола, да имаме затворање на фестивалот со настан каков што доликува.
Со овој концепт и ова лето повторно, сите заедно, културните институции од Битола и изведувачите, ќе го задржат вниманието на публиката, на големиот број гости кои ја посетуваат Битола во летниот период.