Мегафон

На пресс конференција промовирани деталите за музичкиот проект со патриотска содржина – „Македонијо во срце те носиме“

На пресс конференција промовирани деталите за музичкиот проект со патриотска содржина – „Македонијо во срце те носиме“

Денес, 6-ти јуни 2023 година (вторник), точно напладне во познатиот скопски лоунџ бар- ресторан „Дион“ -ГТЦ, пред бројните новинарски екипи од мноштво медиуми се одржа прес-конференција по повод новиот музички проект насловен „Македонијо во срце те носиме“.

Станува збор за проект во кој на едно место се ставени 12 познати македонски изворни и носоздадени народни песни со стихови со патриотска содржина во изведба на 12 познати македонски изведувачи и од светот на забавната и од народната музика.

Меѓу учесниците се: Наум Петрески, Сузана Спасовска, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, ДНК, Огнен Здравковски, Ламбе Алабаковски, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Марија Спасовска, Зуица Лазова, а на списокот песни се наоѓаат безвременските:  „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“, „Ми заплакало село Ваташа“…

На прес-конференцијата во организација на продукцијата „Скендеровски“ која е и носител на овој проект, беа откриени сите детали, а на неа покрај конференсието, новинарката Александра Тимковска, говореа Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Огнен Здравковски, Марија Спасовска… кои како изведувачи се дел од проектот.

„Целта на „Македонијо во срце те носиме“ е во овие турбулентни времиња кога често сме негирани како народ кој има своја историја, свое творештво, песни во кои се крие вистината на нашата земја да ги возобновиме најубавите македонски патриотски песни, да им го продолжиме векот и да ги приближиме до новите генерации. Неуморно се работи за да го зачуваме највредното, музичкиот аманет кој ни го оставиле генерациите пред нас“ – истакна Бојана Скендеровски.

Човекот кој ја презема одговорноста овие песни да ги промени во ново аранжманско и преобличи во современо продуцентско руво, е познатиот композитор, аранжер и музички продуцент Николче Мицевски, кој истакна дека  целта  е македонската песна, како културна вредност и оставштина да ја пренесеме на новите генерации, со цел да не се изгуби битот, суштината, она есенцијалното што авторите или народниот творец го создал, а сепак песната да биде блиска на современите и модерни светски текови со кои младите од секоја генерација се опкружени.

За секоја од 12-те песни кои ќе се појавуваат на секои десеттина дена во етерот, ќе биде изработен и видеоспот, како што рече Бојана Скендеровски, од кои дел ќе бидат во студиоска верзија, дел снимани надвор со кадри од природните убавини и богатото културно наследство на нашата прекрасна татковина Македонија.

Прва од песните и изведувачитте ќе биде објавена стилизацијата на нумерата „Оган да го гори“ која ја изведува Ламбе Алабакоски.

Освен деталите за студискиот материјал со наслов „Македонијо во срце те носиме“ од кој нема да се издава носач на звук, на прес-конференцијата беа соопштени и деталите за концертниот караван кој под истото име ќе ја обои Македонија во најубавите звуци и црвено жолтаата боја, а кој е предвиден да се одвива со осум концерти во осум различни градови низ Македонија некаде во почетекот на месеците септември и октомври, со тоа што завршниот концерт ќе биде во македонската престолнина Скопје“, информираше организаторот.

To top