Најпознатиот македонски кларинетист и саксофонист и крал на ромската музика, Ферус Мустафов, почина на 72-годишна возраст.
Веста за неговата смрт ја потврдила сопругата Јелена, која открила дека погребот на нејзиниот сопруг според желбата на Ферус ќе биде во неговиот роден Штип.
„Починал минатата ноќ, а лошите вести ни ги кажаа утрово. Скршени сме од болка, сите се надевавме дека ќе оздрави. Пред некој ден ни кажаа дека е подобар и затоа се надевавме дека ќе биде сè во ред“ – изјавила неговата сопруга.
Ферус на 26 април имал мозочен удар поради што веднаш бил хоспитализиран во болницата 8-ми септември, каде по 25 дневна борба на лекарите да му го спасат животот, тој починал.
Ферус е роден на 20 декември 1950 година во Штип во ромско семејство на музичари и е син на Илми Јашаров. Неговата професионална кариера започнала на седумнаесетгодишна возраст, додека студирал виолина и кларинет на локална музичка академија. За тоа време, тој бил поканет да оди на турнеја со бенд предводен од Тома Чрчев, а успехот на турнејата го натерало да се откаже од академското учење за да стане естраден музичар.
Тој имаше богата кариера, настапувал во голем број земји во светот и снимил десетина албуми, главно со инструментални композиции. Речиси да нема македонски фолк изведувач и оркестар со кои Ферус не соработувал, а бил дел и од соработката со некои од поп, рап и ар ен би изведувачите во Македонија.