Ана Зафирова ја паметиме по нејзинитите проекти од кои некако најзапаметен беше оној за македонската престолнина, насловен „Врти сучи тоа ти е Скопје“.
Новинарката и ТВ водителка долго време апстинираше од телевизијата. Цели 15 години ја немаша на ТВ екраните, за сега по еднаиполдецениска пауза да се врати пред камерите.
Во прашање е своевиден мултимедијален проект насловен „ТВ Такси 28“ во кој домаќини, на едно необично забавно возење по многу различни локации и дестинации низа Македонија, на кои Ана Зафирова своите гости ќе ги прошета и со нив ќе разговара заедно со Стрезо Стаматовски и Стефан Николовски.
Ова е проект кој во 30 минути успешно сместува дебати на актуелните теми и информации од и за Македонија, а учеството е достапно за различен профил на гости од различни професии.
„Друштво, по 15 години пауза од телевизиска активност I’m back со TVTaxi28. Имам фантастична екипа, партнери-актери Стрезо Стаматовски и Стефан Николовски, а за сѐ друго, бескрајно сум им благодарна на Moonlight TV & Film Production кои стојат за проектот. Низ земјава ќе ‘возиме’ и ќе се наоѓаме секаде каде што може да ја пресретнеме Европа кај нас. Почнавме со Амбасадорот Дејвид Гир и Јана Бурческа, дали ќе ви биде и вам пријатно нашето возење, откријте на МТВ1 (мојата прва љубов) или на линкот долу.
И запишете, распоредот на возење е секоја сабота во 9.30 на МТВ 1“ – споделила Ана на својот Фејсбук во промо најавата за првата епизода која веќе се емитуваше по повод на Денот на Европа, на Националниот сервис – МРТ 1 .
Стефан Николовски, актер и стенд ап комичар е оној кој во ова шоу ќе внесе хумор и забава и ќе сврти на шега тогаш кога има опасност дискусијата да стане преинтензивна.
„Јас во ТВ Такси 28 сум криптоекспертот зависен од социјални мрежи. Факт е дека многу од темите најчесто се коментираат на социјалните мрежи и таму може да се видат размислувањата на луѓето но недостига акција, недостига платформа која ќе ја канализира целата таа комуникација за важни теми за иднината. Верувам дека вебсајтот tvtaxi28.mk на кој може да се оставаат коментари на темите и да се развива дискусија како и профилите на социјалните мрежи ќе бидат вистинско место за интересна дискусија и доближување луѓето околу заедничките цели“ – вели Стефан.
“Јас сум таксистот и нема нешто што не знам. Имам широки погледи,кога треба, ама пак си ја сакам и традицијата и оние познатите вредности со кои сум растел. Верувам дека во емисијата ќе си зборнеме за сѐ што е важно да се разговара и дискутира.“, вели Стрезо Стаматовски.
Инаку ТВ Такси 28 е проект финансиран од Европската Унија, а реализиран од „Мунлајт продукција, а се емитува во сабота во 9.30 часот на МРТ 1, термин кој ќе биде редовен за премиерно прикажување на секоја следна емисија од проектот.
Фото: фејсбук и Инстаграм принтскрин/a.zafirova