„На крилјата на самовилското коњче“ од авторката Александра Велинова е нова петта илустрирана книга за деца која ќе биде промовирана во петок во 18 часот во Промотивниот Центар на Саемот на книга.
Промотор ќе биде проф. д-р Кристина Николовска, а извадоци ќе драматизираат ученици од основното училиште „Блаже Конески“ од Аеродром во костими од рециклирана хартија.
На 25 страници со соодветни колор илустрации, љубопитниот Алексеј и самовилското коњче преку својата авантура ја запознаваат читателската публика со убавините на Малешевските планини и ретките ендемски видови кои се наоѓаат таму. Книгата има цел да ја поттикне и развие еколошката свест од најрана возраст и праќа силна еколошка порака: да внимаваме како се однесуваме во природата со животинскиот и растителниот свет, бидејќи сме дел од неа.
Прекрасните колоритни илустрации привлечни за детското око се на илустраторката Славица Купенкова, уредник на книгата е Михајло Маказлиев кој е и компјутерски и графички дизајнер, лектурата е на проф. д-р Елизбета Бандиловска, а рецензент е Љубинка Донева. Александра Велинова е новинарка, презентерка и член на ДПМ. Има напишано неколку книги за деца меѓу кои: „Бидејќи сум дете“, „Стефан во магичниот град“, „Стефан на прошетка со Ками во Египет“. и „Стефан во Дино парк“ .