Мегафон

„16 чекори до земјата“ и „Код#9“ вечерва на Танц Фест

„16 чекори до земјата“ и „Код#9“ вечерва на Танц Фест

Вечерва со почеток во 20 часот, во програмата на Танц Фест 2023 ќе се изведат две претстави. На сцената на Кино Фросина во Младинскиот културен центар, публиката ќе може да ја проследи претставата „16 чекори до земјата“ на грчката танцова компанија „А приори“, по идеја и во кореографија на Елеонора Илија. Музиката е на композиторот Александрос Ризопулос, драматургијата на Стела Димитракопулу, а асистент на кореографот е Ана Папаниколау, која е студент на мастер програмата за кореографија на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Костимите за претставата ги направи Ники Хронопулу, дизајнот на светлото е на Костас Зоукас, а настапуваат Ана Папаниколау, Марија Влахоу и Наталија Барус.

Според кореографката Елеонора Илију, претставата е движечко истражување на грчкиот традиционален танц од регионот на Епир, наречен „Загорисиос“. На сцената се формира спирала направена од земја, како референца за изворот на постоењето и спиралната форма на многу грчки традиционални танци.  Експериментирајќи со повторливиот шаблон на „Загорисиос“, кој се состои од 16 чекори, трите танчерки го презентираат својот искуствен однос кон традицијата во денешно време. Дали повторното откривање на традицијата може да биде просветлувачко и ослободувачко за едно општество? Дали може повторно да не обедини?

Во вториот дел на вечерта следи претставата „Код #9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола, третонаградената претстава на реномираниот фестивал “МАСДАНЦА“ на Канарските Острови за 2022 година.

Балабанова изјави дека „секогаш е убаво кога делото го изведуваш пред своја публика, па така и овојпат, како дел од Балканската турнеја на „Код #9“, заедно со Алесандро Ола ќе го изведеме овој перформанс на “Танц Фест” 2023 во Младинскиот Културен Центар. „Код #9“ е за мене значајно дело бидејќи ме доближи до еден нов процес на работа кој резултираше со откривање на нови внатрешни светови. Моменталната турнејата на претставата е поддржана и од нашето Министерство за култура, што особено ме радува, бидејќи нашата земја го препознава нашиот успех. Пред Танц Фест настапивме во Косово и Софија, а планирани се изведби во театарот “Битеф” во Србија и подоцна во Словенија. Се радувам на можноста да бидам дел од “Танц Фест” и да го споделам ова доживување со македонската публика.“

Со својот минималистички пристап, „Код #9“ ја истражува трансформативната сила на играта помеѓу темнината и светлото. Додека темнината нуди можност за бесконечност и трансцеденталност, светлото резба фрагменти од телото, мислите и воздишките. Звучниот пејзаж ја дополнува имерсивната и медитативна атмосфера, водејќи ја публиката на работ помеѓу сонот и јавето. Со постојана игра помеѓу темнина и суптилно светло, публиката може да посведочи повеќе различни енергетски состојби, додека танчарот ја кани публиката да се придружи на патувањето. Перформансот е создаден во рамките на две резиденции: Барселона (2021) и Скопје (2022). Премиерно е изведен во „Погон“ Загреб, потоа на фестивалот „Фуоримаргине“ во Сардинија, Италија.

Танц Фест Скопје е поддржан од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Амбасадата на САД во Скопје, УГД, Виталија, Бовин и мeдиумските партнери.

Извор: Република.мк

To top