Камерниот ансамбл „Консонанс“ в среда во 20 часот ќе настапи во Камерната сала на филхармонија. На програмата се дела од Хајдн, Феранте, Барток, Гершвин, Бранѓолица…
Камерниот ансамбл „Консонанс“ е формиран во 2007 година, како една уникатна формација која ја сочинуваат дрвени дувачки инструменти. Овој ансамбл е посветен на камерното музицирање и истражување на звукот кој овие инструменти го создаваат заедно. Составен е од музичари кои се членови на НУ Филхармонија, кои освен оркестарското музицирање, ја негуваат и камерната музика, а исто така настапуваат и како солисти. Покрај настапите на сите позначајни фестивали на домашната музичка сцена, „Консонанс“ има остварено настапи и во Црна Гора, Р. Бугарија и САД. Ансамблот има издадено и еден носач на звук. Во камерниот ансамбл „Консонанс“ членуваат: Елена Дојчинова, Маја Чанаќевиќ, Здравко Ангелов, Игор Бакревски и Сашко Темелковски. Елена Дојчинова (флејта) е вработена во оркестарот на НУ Филхармонија на позицијата прва флејта. Исто така активна е на музичката сцена како член на неколку камерни состави и како солист. Маја Чанаќевиќ (англиски рог) долги години е член на ансамблот на НУ Филхармонија на позицијата англиски рог и обоа. Покрај посветеноста на оркестарското музицирање, таа настапува како солист и е член на неколку камерни состави. Здравко Ангелов (кларинет) е истакнат солист на оркестарот на НУ Филхармонија и е нејзин долгогодишен прв кларинетист. Активно го негува солистичкиот пристап но евидентна е и неговата посветеност за камерното музицирање. Тој воедно е и водач на ансамблот „Консонанс“. Игор Бакревски (кларинет) е прв кларинетист во оркестарот на Филхармонијата кој активно се занимава со камерното музицирање, но и со професионално снимање на оркестарска музика. Долги години беше член и на оркестарот на НУ Националната oпера и балет, а исто така е член на повеќе камерни состави. Сашко Темелковски (бас кларинет) е вработен во НУ Филхармонија на позицијата бас кларинет и кларинет. Покрај симфониското музицирање тој е посветен и на снимање на оркестарска музика и камерното музицирање. Во „Консонанс“ членува од основањето на овој ансамбл.
Извор: Република.мк