Општо познато е дека сиве години наназад тренд кај светски познатите ѕвезди од понежниот пол чија професија му припаѓа на шоу бизнисот, кога ќе останеа во блажена состојба ја користеа својата популарност да го рекламираат уште нероденото чедо. Или можеби обратно – бременоста беше добар повод да се фотографираат со разголено стомаче, голи гради, неретко и „пиштол голи“ само за да си ја зголемат или барем продолжат популарноста кај публиката.
Нивниот пример повремено го следеа и ѕвездите во регионот, па некои од српските, хрватските, бугарските… поп и фолк пејачки, актерки, водителки, топ модели… го направија истото. Тие, ама и ние, или поточно некои од познатите лица на домашната естрада.
Последниот пример е поп пејачката од албанско потекло Аделина Тахири, која својата бременост ја претвора во популарност. Откако неодамна се омажи за еден познат скопски адвокат, згодната Албанка остана бремена, па сиот свој сексапил и во блажена состојба реши да го истури и сервира пред фотообјективот.
Во почетокот само покриеното трудничко стомаче доминираше на фотографиите, се додека русокосата пејачка не одлучи да се разголи пред фотоапаратот на познатиот уметнички фотограф и видеорежисер, Чедо Поповски.
Аделина Тахири по теркот на Бијонсе, Клаудија Шифер, Деми Мур, Бригит Нилсен, Серена Вилијамс, Моника Белучи, Бритни Спиерс, Мараја Кери, Карадашијанови… се соблече пред камера. Трудна и згодна, разголена и секси, ги покажа нараснатото голо стомаче и останатите атрибути, кои со бременоста стануват уште побујни.
Засега, вака, по долна облека и раскопчана кошула, со фотографија за на социјалните мрежи, а можеби веќе утре… и нешто повеќе од тоа? Можеби сосема природна, како од мајка родена, пред и самата да роди, за насловницата на некое наше модно или лајфстајл списание? Ако веќе сака да биде “светска“ до крај!