Познатиот македонски музичар Влатко Стефановски, фронтмен на легендарната група „Леб и Сол“ со долга меѓународна кариера, која трае и денес, донираше дел од својата приватна колекција на плочи, музички списанија и книги на Музичката академија при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Неговото појавување во понеделникот, на Свечената академија по повод 16 години УГД, каде прими признание за соработката која ја има со Универзитетот, беше проследено со овации од присутните.
Пред неколку години, едно од најреномираните имиња на македонската музичка сцена, со кариера која ги надминува границите и на некогашната заедничка држава, имаше и настап и мастер клас на УГД , заедно со Мирослав Тадиќ – објави порталот Гоце.мк.
Како што изјави за локалните медиуми, Стефановски за Штип го врзуваат многу спомени. Меѓу другото тој во градот под Исарот служел војска овде, стекнал многу пријатели, повеќето поврзани со музиката, а во моментот и неговиот син, Јан е дел од Музичката академија на УГД.
Со УГД се зближив преку Тони Китановски, а овој универзитет ме предложи за државната награда „11 Октомври“ и јас тоа не можам да го заборавам – изјави Влатко Стефановски пред камерите на локалните телевизии.
Тој верува дека и во иднина ќе има прилика да ја продлабочи соработката и меѓусебниот респект со универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.