Десетина музички фестивали кои ова лето ќе се одржуваат на македонска територија нудат најразлично музичко доживување со домашни и странски изведувачи.
Доколку подетално ги разгледате понудите, секој може да си одбере каде ќе ги гради спомените ова лето. Фестивалите може да ги селектирате според локација, содржина или цена. Еве кои ви ги препорачуваме ние:
Таксират 2.0 – Скопје
Концерти на „Гогол Бордељо“ и Питер Бенс
Во рамките на одбележувањето на 20.издание на фестивалот Таксират годинава имаме понуда од повеќе концерти, а следни на листата се незаменливите џипси-панкери „Гогол Бордељо“. Концертот ќе се одржи на 29 мај во Младинскиот културен центар во Скопје и е во рамките на „Seekers And Finders“ турнејата за истоимениот нов албум.
Комбинирајќи ги панк и ромската музика со хумор и ефектни, хаотични и енергични сценски настапи, Гогол Бордело (Gogol Bordello) ја раскажува приказната за имигрантите и дијаспората. Предводникот на бендот, украинецот Јуџин Хуц (Eugene Hütz), бегајќи од катастрофата во Чернобил, се вљубува во мистичните тонови и богатството на ромската музика која не ѝ припаѓа на „мејнстримот“, но со која е поврзан и од семејните корени. Влезницата за овој концерт чини 500 денари.
Следен настан за одбележување на 20 години Таксират е концертот на Унгарскиот пијанистички виртуоз Питер Бенс. Тој го освои интернетот со своите аранжмани на хитовите на Мајкл Џексон, Квин и Сиа, собирајќи досега повеќе од 200 милиони прегледувања. Во Скопје ќе настапи на 31 мај во Македонската филхармонија, а цените на билетите се движат од 900, 1.000 и 1.100 денари.
Скопје Колинг
Од 21 до 24 јуни во Скопје на стадионот на АРМ ќе се одржи фестивалот „Скопје колинг“ на кој ќе настапат музичари од различни жанрови. На 21 јуни може да ги слушате Аксвел и Ингросо за цена од 1.000, 1.500 и 2.000 денари. Следниот на 22 јуни стдионот на АРМ ќе ги пречека „Морчиба“ и „Нувел Ваг“, а биелтите чинат 1.000 и 1.500 денари.
На 23 јуни вечерта е резервирана за љубителите на рок музиката, зашто за прв пат во регионот доаѓа еден од најголемите британски бендови на сите времиња „Тексас“, а за првпат на отворено во Скопје ќе можете да го видите и Дарко Рундек со неговиот бенд. Цените за оваа фестивалска вечер чинат 1.000 и 1.500 денари. Фестивалот се затвора со Алан Вокер, кој што од логистички причини својот настап наместо на 2 јуни, ќе го има на 24-ти јуни. Оние кои веќе набавиле влезници за 2 јуни, истите ќе им важат и за 24 јуни. Додека пак останатите кои допрва ќе купат, влезниците чинат 1.000 и 1.500 денари. Дополнително информации ќе следат и за настапот на Фејтлес диџеј-сет со Систер Блис и настапот на Роџер Санчес. Организаторите најавија дека оваа недела ќе бидат пуштени во продажба и блок-картите за овој фестивал по цена од 2.000 и 3.000 денари.
Оффест – Скопје
Фестивалот Оффест годинава го за своето 17.издание ќе се одржи од 31 мај – 5 јуни. Програмата, вклучува актуелни и врвни имиња од т.н. музика на светот (world music), од Европа, Африка, САД и Австарлија.
Jupiter & Okwess од Конго ќе гостува по вторпат. Fighting Windmills е единствената домашна група, со одличен нов албум, со своја премиерна концертна промоција на „ОФФест“. Dirtmusic е ол-старс група со Крис Екман (The Walkabouts), Хуго Рејс (The Bad Seeds на Ник Кејв) и Мурат Ертел (Baba Zula), и ќе се претстави во едно психоделично-рок издание.
Автентичните Officina Zoe од Италија доаѓаат со својот хипнотички транс. Од Тунис, ќе гостува Ifriqiyya Electrique со шаманско-индустриски-електро ритуал. Ориентален рок со најдоброто од Турција – Gaye Su Akyol и нејзината група. Пополноќна afro-groove забава до утринските часови со DJ Mukambo од Белгија. Магичните Barmer Boys ја продолжуваат вековната индиска музичка традиција. Trans-Aeolian Transmission ќе ни приреди свој специфичен аудио-видео перформанс. И за затворање на фестивалот, африканската кралица – Уму Сангаре. Најголемата африканска пејачка, која доаѓа од Мали.
Во четири вечери (31 мај – 3 јуни), концертите ќе се одржат во Младинскиот културен центар. На 31 мај и 1 јуни со почеток во 21 часот, а на 2 и 3 мај со почеток во 20 часот. Полноќната забава на 2 мај е со почеток по 24 часот во „Клуб Епицентар“. Завршната вечер е на 5 мај во Македонската опера и балет со почеток во 20:30 часот.
Билетите за четирите вечери во МКЦ се по цена од 500 денари за вечер. Билетите за концертот на Уму Сангаре во Македонска опера и балет се со цена 1 200 денари за галерија и 1 500 денари за партер. Билетите за полноќната забава во „Клуб Епицентар“ се со цена од 200 денари. Комплет билетите се со привлечна цена од 1.500 денари за девет концерти. Во комплетот билети не е вклучен само концертот на Уму Сангаре.
„Тру саунд оф Каменица“ – Македонска Каменица
На 23 јуни во Македонска Каменица во рамките на фестивалот „Тру саунд оф Каменица“ концерт ќе имаат „Култур шок“. Култниот џипси-панк бенд од САД веќе 20 години се фестивалска атракција. Нивната музика се карактеризира со микс на традиционална балканска музика со рок, панк и метал. Македонска поддршка за овој концерт се бендовите „The Black & Vice Social Club“ и ЕКВ трибјут бендот „Weltschmerz“. Влезниците чинат 300 денари.
Д фестивал – Дојран
Три дена фестивал под отворено небо во Дојран. Добропознатиот Д фестивал годинава се одржува од 6 до 8 јули. се најавуваат над 100 изведувачи на четири бини и можност за кампување. Настапуваат: Пол Ван Дајк, „Disciples“, „Финк“, Горан Трајковски, Дуке Бојаџиев, Севдализа, „Who See“, Френки, „Riot Days by PussyRiot Theatre“, „Бркови“, „Хелем Нејсе“, „Коала Војс“, „Палиндром“, „Конспираси“ и други. Цените за овој фестивал изнесуваа 600 денари за три дена без кампување и 650 денари тридневна влезница со кампување.
Охрид Колинг
На стадионот „Билјанини извори“ во Охрид на 1,2 и 4 август ќе може да се забавувате со Димитри Вегас и Лајк Мајк, Армин Ван Бурен и Џакс Џоунс. На 1 август за првпат во Македонија и во регионот ќе настапат Димитри Вегас и Лајк мајк, а влезниците за нивниот настап чинат 1.000, 1.500 и 2.000 денари за фан зона за која има само илјада билети. На 2 август ќе настапи и Џакс Џоунс и за овој настап влезниците чинат 500 денари за партер и 700 денари за фан зоната. Армин Ван Бурен е веќе докажан изведувач кој ја развеселува македонската публика. Неговиот настап ќе биде на 4 август, а влезниците се по цена од 1.000, 1.500 и 2.000 денари. За овој фестивал пуштени се во продажба и блок-влезници по цена од 1.600, 2.100 и 3.000 денати. Сите што ќе набават блок влезници за двата фестивалски денови (за 01 и 04 август), со истите да може БЕСПЛАТНО да присуствуваат на денот на настапот на Џакс Џоунс на главната сцена на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.
Грин бич – Струга
Фестивалот „Грин бич“ ова лето ќе се одржува на нова локација на крајбрежјето на Охридското Езеро и тоа за првпат во Струга. На 27 јули , макеоднската публика за првпат ќе има шанса на домашна територија да ја слушне техно-дивата Нина Кравиц. Сибирската дама е позната по бескомпромисните и енергични диџеј-сетови со музика која многумина не би се осудиле да ја „вртат“, а во изминатата година имаше и завршни сетови на одбрани фестивали. Таа важи за една од најхаризматичните личности на електронската сцена, а нејзините настапи се прочуени по уникатното и интензивно чувство со кое ја восхитува публиката. Домашна поддршка ќе биде Ана Мало и Дејан Декс. Промо-билетите кои се пуштени во продажба чинат 500 денари.
Револушн фестивал – Кочани
Во рамките на 55, издание на Драмски аматерски фестивал во Кочани од денеска ќе се одржува и музичкиот хепенинг „Револушн“ во Паркот на револуцијата. Првата вечер ќе настапат Диџеј Дадо и „Летечки пекинезери“, на 29 и 30 мај ќе настапат Диџеј буби, Диџеј дарк фејс, Диџеј Мастер Џи, диџеј Ацко и „БрасБрадерс“. На 1 јуни ќе гостува Васко Атанасовски од „Бернајс Пропаганда“ и Диџеј Гоце САФ. Послдениот ден на 2 јуни ќе настапат Диџеј Лекс и Хепи енд.
Китино фестивал – Кичево
Од 22 до 24 јуни на Китино Кале во Кичево своето прво фестивалско издание ќе го има „Китино фестивал“. Се најавуваат денови исполнети со добра енергија кога Китиното Кале повторно ќе стане центар на културниот и социјалниот живот во градот. Фестивалот се карактеризира како пет-френдли и досега ги има најавено концертите на „Фолтин“, „Каин“ и „Клара“ за првиот фестивалски ден и диџеј-сетовите на Цветански, Панишер, Дејан Декс, Сашо Рецид и Роботникс за вториот ден од фестивалот.
Струмица опен фестивал 2018
„Слушај го срцето и дозволи да ти го покаже патот до најголемиот и најуникатен open-air фестивал во Македонија! Од 10 до 19 август, Струмица ќе ги активира своите уникатни сцени под отворено небо и по седми пат ќе овозможи гостување на најдобрите македонски, балкански и светски артисти.
Настапувачите со своите хип хоп, рок, џез, класични, етно, поп или електронски звуци ќе го освојат целото ваше внимание! Годинава СОФ ќе го има најгласното, најмодерно и најразиграно издание! Послушајте го вашиот внатрешен глас и допуштете си нова летна авантура.
И годинава, најголемата културно-уметничка, едукативна и забавна манифестација во регионот ќе создаде безброј незаборавни летни приказни за сите фестивалџии! Со широко отворено срце дочекајте ги врвните концертни шоуа зачинети со магијата на различностите. Со новото издание на СОФ ја продолжуваме нашата мисија – целосно бесплатна забавна програма за сите возрасти и вкусови.
Следете нè! Со нетрпение чекаме да ги споделиме деталите за #соф2018 и уште сега да ве распееме“ – порачуваат организаторите кои се ‘уште не ја зтвориле и официјално објавиле годинешната програма.