Мегафон

Благица Калева со песната „Горда мајка“ победи на „Фолк фест Валандово 2018“

Благица Калева со песната „Горда мајка“ победи на „Фолк фест Валандово 2018“

Благица Калева со песната „Горда мајка“ триумфираше на 33. издание на  „Фолк фест Валандово 2018“ коe се одржа на 24 и 25 мај во фестивалската сала „Јанко Узунов“ при Домот на културата „25 мај“.  Автор на музиката е пејачот Горан Тодоровски, аранжманот е на Дејан Миленковски, а стиховите ги потпишува Ице Беличев. Благица и авторскиот тим освоија парична награда од 1.500 евра и статуетка златна калинка.

Познатата пејачка која пред 15 години во сообраќајна несреќа ги изгуби ќерката Викторија и сопругот Костадин со оваа емотивна балада инспирирана од нејзиниот живот ги освои симпатиите на публиката. Овојпат, песната беше посветена на нејзината ќерка Марија.

„Таа е мојата светлина во животот. За неа живеам и се борам. Редно беше и нејзе да ѝ посветам песна од мојата ризница“ – изјави победничката на годинешниот фолк фест „Валандово“.

Второто место го освои темата „Умирам по тебе“, во изведба на некогашниот ексклузивец на „М2 продукција“, Филип Божиновски, кој се закити и со наградата за најдобар дебитант, а третото место му припадна на Благоја Грујовски за композицијата „За нас“.

33. издание на фестивалот започна со ревијалната вечер, која помина во знакот на најуспешните автори на новосоздадена македонска песна изродена на „Фолк-фест Валандово“ –  Љупчо Трајковски-Фис, Миле Барбаровски и Григор Копров, а во рамките на натпреварувачката вечер, на 25 мај, ревијален настап имаше и босанската фолк ѕвезда Ханка Палдум.

Изведувачите во двете фестивалски вечери беа придружувани од оркестар составен од едуцирани музичари од ФМУ, кои сега се членови на оркестрите во МОБ и Филхармонијата, а водители на манифестацијата беа Ирена Спировска и Нино Величковски.

Фестивалот годинава имаше и нов начин на гласање, односно во одлуката за наградите со 60 проценти учествуваше жирито, а со 40 отсто публиката, додека телефонското гласање беше исклучено.

Покрај оние за прво, второ и трето место (во вредност од 1.500, 1.000 и 750 евра), доделени беа и награди за најдобар аранжман (Мартин Вучиќ)…

…за најдобар текст (Орце Зафировски) и за најдобра интерпретација (Мерима Његомир), секоја од нив во вредност од 500 евра.

To top