Мегафон концертен времеплов

Дарио Панковски потврди дека е „пејач за сто години“: „Меѓу сите ѕвезди“ вакви концерти можат да направат само најблесквите (ФОТО)

Дарио Панковски потврди дека е  „пејач за сто години“: „Меѓу сите ѕвезди“ вакви концерти можат да направат само  најблесквите (ФОТО)

Најавуваните концерти со кои го одбележи својот јубилеј – 40 години на естрадата, Дарио Панковски викендов ( 17 и 18 февруари. 2023 г.) ги одржа и тоа во голем стил. Преполната сала на за нас, Македонската филхармонија и двата дена, покажа дека единствениот “превид“ на организторот и пејачот можеби бил стравот да се одлучат за поголем простор, како  салата СЦ „Јане Сандански“ или „А1 арената „Борис Трајковски“, кој без сомнение ќе беа доволно полни за еден ваков спектакл.

Музички беспрекорно точно, прецизно како часовник, речиси совршено звучеа песните со кои Дарио и придружниот бенд „Миг 21“ како низ музички времеплов не вратија назад во времето. Со рефрените кои не те оставаат да седиш мирно и стиховите кои ја ежат кожата,  публиката два и пол часа патуваше како со временска машина во интервал од четири децинии… Од далечната 1984 и времето на првите песни на Дарио и неговиот тогашен бенд „Бон Тон“, кога сите бевме во заблуда дека „Добрите девојки не го прават тоа“, па се до последниве денови, кога некогашаната „Дупла водка“ од елитните скопски кафулиња во почетокот на 90-ите ја заменивме со боемските кафеани и едно, две… бокалчиња „Ракија“!

Најголемата машка македонска ѕвезда и според кошаркарската височина, а секако една од најголемите и според рејтингот и популарноста, не потсети дека од она што ни остана, ни останаа само прашањето на сите нас: „Какви се ова времиња“? На дамите старата добро позната фраза: „Немам што да облечам“, на  кавалерите комплиментот на своите девојки и сопруги дека токму таа е: „Жена за сто години“.

Новата постава на дванаесетчлената екипа  (заедно со пејачот) на „Миг 21“, составена од млади ултраталентирани деца и стари проверени мајстори на својот инструментално –вокален занает звучеше како плоча… Тие максимално уиграни и усвирени, песните како симнати од ЦД, а Дарио налик на најголемите не само регионални, туку и светски ѕвезди.  Сигурен во интерпретацијата, енергичен во сценските движења, интересен во најавите за песните, со куса воведна приказна за секоја од нив. За визуелниот впечаток да биде уште посилен кај ионака познатиот по својата стилска елеганција пејач, придонесе промената на сакоа од различни модели, дезени и во разновидни бои кои тој ги менуваше на секои неколку песни.

Она што Дарио бесперкорно и го даруваше на својата публика со секоја нова песна, таа безрезервно му го враќаше станата од столчињата, таннцувајќи и забавувајќи се на секој негов рефрен, пеејќи го секој стих.

Особено впечатливи беа баладите како: „Која ли си ти“, „Меѓу сите ѕвезди“ или „Зајди јасно сонце“ во кои енергијата ја заменуваа емоциите испреплетени со сеќавањата и спомените на „старите добри времиња“ кои секој од нас ги минал и во себе ги чува како што една „Армија“ ги чува придобивките на животот и слободата.

А Дарио како врховен командант на својата „армија“ во публиката, командуваше со неа, диригирајќи со спонтаноста како по ноти… Пеешее тој заедно со неа, пееа тие самите без него, пеевме сите помислувајќи во себе: „Мајко моја роди ме, уште еднаш да ми е“… Животот како за час минува, а она што останува и заради кое вреди да се живее се меѓудругото и  ваквите моменти на радост, среќа, спонтаност, опуштање, духовна катарза, емотивно празнање…

И на крајот што уште останува освен.. „Здравје боже“ да сме вака сплотени и единствени и во многу други посуштински работи, иако токму Дарио и неговите два брилијанти концерти ни ја покажаа поентата на животот… Колку малку ни треба за поединечна и колективна среќа.

За крај општенародна веселба со… „Дајте една народна“, а по неа  и бис со „Дупла водка“… Овој пат во вокална, акапела верзија само тој и тие… Само Дарио и неговата верна „армија“ во публиката од чии усни заеднички течеше убавина, пресликана во емоција низ песна…!

Едноставно Дарио Панковски потврди дека е  „пејач за сто години“.  „Меѓу сите ѕвезди“ вакви концерти можат да направат само најблесквите. И тоа без ничија финансиска помош, зашто „Што е твое ќе си дојде“, иако логично е и очекувано „помошта“ најмногу да дојде од оние на кои меѓудругото тоа им е и законска и морална обврска, кога се во прашање 40 години нечија успешна кариера.

За жал, „девојките“ од Министерството за култура и Град Скопје кои од нашите даночни пари живеат, вредностите ниту знаат, ниту умеат да ги препознаат, за да ги помогнат, субвенционираат и стимулираат… И едната и другата – „Ладна како камен“, без  „чувство за осет“ дека… „Добрите девојки не го прават тоа“.

Само на крајот, кога политичката кариера ќе заврши и сите грб ќе ти свртат засекогаш, да не биде како што по непишано правило завршуваат нивните начела… Со „Плачела, плачела“…!

To top