Регионалната музичка сцена е богата со свежи иновативни артисти и клучно е да се поддржат младите сили кои се издвојуваат со својата страст за музичката индустрија. Иницијативата „Нови Лица 2023“ (NEW FACES 2023) е можност за младите музички професионалци активно да бидат дел од музички конференции и настани, да научат повеќе за индустријата, да соработуваат и да ги претстават своите дела пред експерти. Четири регионални фестивали и конференции – македонската музичка конференција „ПИН“, како и „МЕНТ Љубљана“ (Словенија), „Контакт“ (Србија) и „ШИП“ (Хрватска) – со заеднички сили имаат цел да ги пронајдат овие 10 „нови лица“ во регионот на поранешна Југославија.
Помогнете да ги најдеме 10-те млади (до 30 години) музички професионалци: ЛИНК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ!
Кои се „New Faces 2023“?
Новите лица кои се бараат се оние кои ја придвижуваат и оние кои ќе ја размрдаат регионалната музичка сцена, тие работат во најразлични сфери на индустријата: од организирање на настани, букинг, менаџмент, издаваштво, музичко новинарство, па сѐ до продукција. Тие се издвојуваат со нивната работна етика и амбиции како оние кои секогаш се стремат да бидат подобри.
Номинирајте ги „New Faces 2023“!
Првичната фаза за пријавување или номинирање е отворена до 1 март и е наменета за сите млади професионалци до 30 години, а во оваа фаза организаторите бараат предлози од пошироката јавност. Доколку сте музички професионалец или пак познавате некој кој сметате дека е токму таков лик, тогаш можете да помогнете во потрагата до конечниот избор за 10 млади музички професионалци! Пријавите можат да бидат поднесени лично или анонимно од трето лице преку пополнување на формата за пријавување ТУКА!
*Можат да се пријават и кандидати кои имаат наполнето 30 години во 2023.
Што добиваат „New Faces 2023“?
Сите номинации ќе бидат проверени и оценети од меѓународни претставници на фестивали кои ќе ги издвојат десетте најдобри млади музички професионалци. Овие индивидуи ќе бидат претставени на медиумите и ќе имаат прилика да учествуваат во регионалните музички конференции. За нив е обезбедено сместување и професионална акредитација (PRO-pass) на најмалку четири партнерски конференции.