Како наближува традиционалниот датум на оддржување деновите пред Св. Васиља ( Стара Нова година) така и полека, но сигурно се спремаме за супер доживување на годинешното издание на карневалот. Подготовките се во финална фаза, маските се спремни, или што би рекле вевчанци, СУРАТИТЕ.
Традицијата стара векови и милениуми продолжува и оваа година, исто како во исконските времиња кога Василичарите од горна и долна маала, покрај традиционалните маски на Глупи Август, Зетот и Невестата и Ѓаволите, во дефилето ги исмеваат и актуелните политички случувања, низ звуците на зурли и тапани и со тоа ги бркаат лошите духови, односно злото, за да ја пречекаме Новата година прочистени и среќни.
Карневалот започнува уште од утрото на 13-ти, кога во Василичарските конаци почнуваат да се собираат Василичарите и музичарите, околу пладне сите маскирани одат на влезот на Вевчани, и од тука започнува Василичарското дефиле, односно околу 14:30 часот, поворката почнува да се движи нагоре кон центарот на Вевчани.
Поворката ја водат маскираните во Глупи Август и Ѓавол, тие со специфичните движења и крици прават ред и место за Василичарите, по нив следат музичарите, зетот и невестата, а потоа сите василичари. После Василичарското дефиле, зетот и невестата од Горна и Долна Маала ги посетуваат сите домови во Вевчани, посакуваат здравје и бериќет во новата (СУРВА) година, а домаќините ги даруваат. Дарувањето во минатото било со луканци, леб и пари.
Ноќта на 13-ти наспроти 14-ти, се оди на вода во Вевчанските извори. Се верува дека ноќта спроти празникот водата на изворите е света и лековита. Во минатото жителите на сите околни села независно од верата доаѓале на изворите и полнеле од водата. На Василичарите им се придружуваат и домаќинките кои носат летургија (леб) и ќиска од босилек, дрен и василичарка (бодликаво растение кое е симбол на Вевчани). Полнат вода со која утрото на 14-ти замесуваат Кашаник (пита печена под сач). На 14-ти денот на Св. Василиј, Василичарите одат на визита (именден), кај сите што го носат името на светецот, а потоа во центарот на Вевчани се собираат сите василичари и музичари, заедно го играат Василичарскито оро и ги палат маските, што симболизира злото да не се повтори во новата година.
Музичката програма која претстои и се случува на 12-ти и 13-ти Јануари е веќе потврдена, па на сцената ќе уживаме во музиката на : – ГИГ ОФФ ( Сашко Гигов -Гиш и пријателите), Венко Серафимов и Прпл Цепелин,реге бендот – БРУКА, ДНК, Ласт Експедишн, Фиц и Студени нозе грејтест хитс, Баклава, Банда ЕнТопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст Тајм и Перо Бели. Не ни преостанува ништо повеќе од тоа да ве поканиме да бидете дел од овој историски настан кој со векови и милениуми го збогатува културно уметничкиот живот на Вевчани.
Што значи на 12-ти, 13-ти, 14-ти сите патишта водат кон Вевчани.