По долго и тешко боледување на 73-годишна возраст вчера почина познатиот српски фолк пејач Зоран Калезиќ.
Фолкерот од крајот на минатата година се бореше со ракот на белите дробови, а откако ја дознал дијагнозата бил опериран во една црногорска болница.
Но, свесен дека се работи за подмолна болест, која напредува во секој момент, се почесто се сеќаваше на својот покоен кум Тома Здравковиќ, кој почина од рак на простата.
„Сега полека тргнав на пат кон мојот кум Тома. Наскоро ќе се сретнеме, но дотогаш имам што да направам. Го чекам концертот во Домот на синдикатите за уште еднаш да ги слушнам нотите кои ги враќаат сите органи на своето вистинско место. Сите тие луѓе треба да ги видам уште еднаш во публиката“ – низ солзи неодамна изјавил Калезиќ.
Иако по операциите беше активен во медиумите, во последните неколку месеци целосно се повлекол од јавноста.
Да потсетиме Зоран Калезиќ по потекло е од Црна Гора. Негови најпознати песни се „Добар мој ангелу“, „Добро вечер, изгубена надеж“, „Застани младост, застани“… Во текот на повеќедецениската кариера продаде повеќе од 15 милиони аудио носачи на звик и слика, како сингл и ЛП плочи, аудио и видео касети. Тој беше истакнат естраден уметник.
Фото: Дамир Дервишагиќ