Ако минатата 2022-ра и беше една од најсреќните години зашто кон крајот на септември го ожени синот, на македонската фолкерка Даниела Темелковска новата 2023-та година не можеше поубаво да и започне.
Имено, пејачката стана баба и го доби своето прво внуче… Или поточно внука, а малечката принцеза веднаш го доби и своето име. И тоа вистинско македонско, прекрасно име – Јана.
На среќата на гордата баба и нема крај, па таа веднаш ја обзнани радосната вест и на социјалните мрежи, обидувајќи се да го раскаже неописивото чувство на радост кога една жена за прв пат станува баба:
„Колку е убаво чувството кога прв пат стануваш баба, а тоа чувство не се опишува само се доживува, нека ми е жива,здрава и среќна внуката Јана, а јас како баба секогаш ке ја милувам и посипувам со љубов од срце и од душа, а на моите деца им благодарам за најубавиот дар и Бог да ми ги чува!“ – споделила пејачката на својот Фејсбук веднаш по раѓањето на малечката, на кој блиските, пријателите, познаниците, но и нејзините обожаватели и следбеници веднаш и возвратија, опсипувајќи ја со стотици честитки, благослови и емотикони.
Инаку, како што веќе рековме, а тогаш и објавивме, македонската фолкерка кон крајот на месец септември минатата, 2022 година го ожени својот син Даниел, кој исто така е пејач и се занимава со музика, тргнувајќи по стапките на неговата позната мајка.
Некои од присутните тогаш раскажуваа дека тоа била една од оние таканаречени „свадби за паметење“, во кои највесела, била згодната и елегентна свекрва, а кулминација настапила кога Даниела се фатила за микрофонот и запеала.
Тогаш веселејќи ги гостите и сватовите, а сега неизмерно среќната баба ќе му пее приспивна на нејзиното прво внуче, малечкото ангелче Јана, кое Бог им го подари на нејзините најмили. Нека и(м) е со среќа!
Фото: Фејсбук принтскрин/Daniela Temelkovska