Британската дизајнерка Вивиен Вествуд, едно од најголемите имиња на британската мода позната по бунтот и предизвикувањето на авторитетот, почина во четвртокот, 29 декември 2022 г. на 81-годишна возраст.
„Вивиен Вествуд почина денеска мирно и опкружена со своето семејство во Клафам, Јужен Лондон. На светот му требаат луѓе како Вивиен за да се променат на подобро“ – напиша нејзината модна куќа на Твитер.
Кариерата на Вивиен беше обележана со бунт и политички ангажман. Таа беше позната како постојан активист и ги носеше работите за кои се грижеше на модните писти, како што се борбата против климатските промени, загадувањето или поддршката на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.
Протестни маици со пораки или транспаренти носеа нејзините модели на модните писти.
Вествуд го изгради своето име на контроверзниот панк и њу вејв стил од 1970-тите.
„Единствената причина поради која сум во мода е да го уништам зборот сообразност“ – рече Вествуд во биографијата од 2014 година. „Не ми е грижа за ништо ако го нема тој елемент“.
Нејзината облека, како што рече, „има приказна, идентитет, карактер и цел“.