Замина уште една урбана скопска легенда. Замина од нас Горан Атанасов – Зеко (29 септември 1961, Скопје, Република Македонија), познатиот скопски боем, шоумен, пејач и угостител, и еден од главните создавачи на ноќниот и забавен живот во Скопје од крајот на 1980-тите, со мали паузи речиси сè до денес.
Беше позната скопска фаца, лик кого урбаниот дневен и особено ноќен живот на Скопје му должи многу. Како менаџер, ко-сопственик и сопственик на повеќе кафулиња, ресторани, ноќни клубови и дискотеки ги уриваше бариерите меѓу тогашните големи метрополи во бившата држава како Белград и Загреб и нашето Скопје, ги поставуваше стандардите за тоа како треба градот да живее навечер, што значи забава, урбано однесување, европски стил на живот.
Меѓу позначајните локали кои ги држеше и менаџираше беа кафулето Баскет, забавниот комплекс Хавана клуб во Градскиот парк, дискотеката Парк на местото на денешен ТВ Сител на Градскиот стадион и таверната Хавана.
Но, Зеко не беше само обичен угостител. Заедно со неговиот најверен пријател Сашо Пижевски – Пиже и Игор Џамбазов беше основач и член на култната група Хавана Бенд, која беше своевидна атракција на македонската естрада во раните 90-ти. Беа познати токму по пресликаниот скопски ноќен живот во нивните песни во кои го вградија духот на урбаните деведесетти на градот. И денес ги паметиме по хитовите Шток ми бејби, Нема спас, Дај ми, жити се… а со повторното реобединување на Хавана Бенд и нивната последна Балада за мајка ти и татко ти, плод на соработката со Александар Митевски.
За жал, Зеко не е повеќе меѓу нас… А ни Скопје не е оддамна тоа што беше… Како кога во него беше еден од главните диригенти на ноќниот живот и неговото урбано живеење тој – Горан Атанасов – Зеко!
Почивај во мир урбана легендо, без тебе Скопје не е и никогаш повеќе нема да биде исто!