Вчервечер, сабота 22 октомври во Штип заврши 37-то издание на можеби најреномираниот македонски фестивал на забавни мелодии „Макфест 2022”. Во петокот, 21 октомври 2022 се одржа првата фестивалска вечер, со релативно нови музички имиња, додека пак втората вечер, беше ревијална.
На неа, покрај шесте избрани од првата вечер, настапија мноштво од познатите, популарни и веќе етаблирани македонски музички имиња како и ѕвездениот гостин од регионот.
На блескавата фестивалска сцена ги видовме волшебната Тамара Тодевска, урбаните фраери од „Два Бона“, повратникот Ламбе Алабакоски, македонско-руската душа Викторија Лоба, младите Пајак и Лара Иванова во дует, евровизиската претставничка Андреа Коевска, музичкиот супермен Виктор Апостоловски, Александар Тасевски и неговиот „Балкан бенд“, атрактивната „Гранд ѕвезда“ Андријана Петрушовска, ДЈ Боно и ултрасексапилната Кристина Димитри…
Mеѓу сите наши ѕвезди пееше и гостинот од регионот, пејачот на легендарното „Бијело Дугме“, Ален Исламовиќ. Тука беа и младите надежи, Марија Спасовска, Благица Ѕунѕуровска, Мелани Тарчуловска, Мартинијан Кириловски…
Секако и авторската екипа од композитори , текстописци и аранжери беше врвна, па за очекување е дел од фестивалските песни од годинешното макфестовско издание да прераснат во хитови, а некои можеби ќе станат и евергрини, зашто авторските имиња како: Роберт Билбилов, Игор Џамбазов, Иле Спасов, Дарко Тасев, Иван Јованов, Лазар Цветковски, Александар Масевски, Владимир Дојчиновски, Елвир Мекиќ, Весна Малинова, Кристијан Габроски… гарантираат и комерцијала и квалитет. А миксот на едното и другото за разлика од последниве неколку години, овој пат беше за неколку скалила погоре.
Одличната организација, за која беа заслужни сите инволвирани страни почнувајќи од главниот организатор – општината Штип и нејзиниот градоначалник м-р Иван Јорданов кои обезбедија околу 100 илјади евра, и тоа 4,5 милиони денари обезбедени од Општина Штип и 1,5 милиони денари од спонзори, преку уметничкиот директор на „Макфест 2022“ Роберт Саздов и извршните продуценти – композиторот и пејач Јован Јованов и Александар Арсовски од општина Штип, па се’ до сите професионално ангажирани лица и волонтери, направија се’ фестивалот да го кренат повторно на нозе.
Црвениот тепих, изјавите на познатите пред почетокот на фестивалот, случувањата во бекстејџот, лепезата на познати лица за ТВ водители и презентери на двете фестивалски вечери ( Лила Филиповска, Марјана Станојковска, Димитар Атанасовски, Миланка Рашиќ, Александра Јовановска, Јана Бурчевска, Борко Ристевски)…
Се разбира, како и самото она што се случуваше на фестивалската сцена од која МРТВ и овој пат вршеше директен пренос, направија годинава да видиме, слушнеме и доживееме еден малку поинаков „Макфест“.
Подмладен, содржински освежен, модерен и во песните и во изведбите на изведувачите и во пристапот на организацијата, со што „Макфест 2022“ полека го враќа стариот свој сјај и гламур… И што е можеби уште поважно, ваквото издание му ја врати „душата“ на малку подизбледениот и уморен фестивалски концепт од последниве неколку години.
Оваа „нова фестивалска младост“ покажува дека и при крајот на четвртата деценија од своето постоење, „Макфест“ има, може и мора уште многу тоа да донесе, да даде, да пружи и понуди… Нови хитови, нова фестивалска возбуда, нови деца кои еден ден ќе станат етаблирани музички имиња, нов естетско – уметнички раскош кој и на градот Штип и на Македонија и недостасува, зашто и македонската публика и домашната естарада тоа го заслужува.
Останува на медиумите да ги вртат и протежираат и песните и изведувачите, а за градот Штип, општината, градоначалникот, воопшто на организаторот на фестивалот – домашна задача која треба уште утре да седне да ја подготвува:
Догодина да видиме и доживееме еден уште поубав, посвеж, помодерен, поблескав и погламурузон „Макфест 2023“. Зашто таков на сите ни е потребен!
Фото: Архива и социјални мрежи