По распродадените „Сава Центар“ во Белград и српско Народно позориште, хрватската поп -ѕвезда Нина Бадриќ конечно доаѓа во Скопје на голем солистички концерт, кој ќе се одржи на 9 јуни во Македонската филхармонија.
Неодамна Нина Бадриќ ја претстави и новата песна „Времето се менува“, каде што фановите ги воодушеви со новиот изглед, како и со изборот на песна која има навистина светски звук.
Долгогодишната кариера, бројните награди и насловни страници, синглови кои владееа и се` уште владеат на радиските топ листи… сето тоа оди во прилог на убавата пејачка, но најмногу на прекрасната и верна публика која до последно место ги полнела најголемите концертни сали. Впечатлива беше и минатата година во која Нина ги „запали“ топ листите низ целиот регион со песната „Денови и години“, за која доби и многубројни награди. Оваа песна многумина ја сметаат за вечен евергрин, а на тоа во прилог оди и фактот дека досега видео спотот за оваа нумера има над 15.000.000 прегледи.
Најубавите песни од нејзината музичка кариера, како и низа други музички изненадувања, Нина ќе изведе и во Скопје на 09-ти јуни, во салата на Македонската филхармонија.