На 6 октомври во 19 часот во НУ Музеј на Република Македонија во Скопје ќе се одржи изложба на концептуален филигрански накит со наслов “МАМКА” на уметницата и етнолог Марија Милошевска.
Марија Милошевска веќе дваесетина години го промовира филигранскиот занает преку современиот концепт низ различни медиуми како накит, инсталации, објекти, перформанси и видео арт.
Инспирирана од најстарото пишано сведоштво за потеклото на вештачката рибарска мушичка, во светот позната под името Macedonian fly, во 2017 го создава брендот “МАкедонска МушичкА – МАМКА” кој го прикажува филигранскиот концепт како пристап, практика за накит и критички дискурс во креирањето на културата.
Оваа колекција го истражува изработувањето на накитот како начин на размислување и толкување преку иновативен и применлив пристап во различни дисциплини.
„МАМКА“ е директно поврзана со моментот на опстанок, кој преку филигранското дело и техниката за изработка на вештачки мушички за рибарење се оживува во сегашното време како момент на постоење, преку практичен и уметничко – научен пристап.
Културата, како начин на живот, претставува обид кој го вклучува значењето на егзистенцијата, светот на објектите и секојдневните пракси кои го произведуваат материјалниот живот, на тој начин што ни нуди модели за комплексна евалуација.
Куратор на изложбата е Лени Дончева, историчар на уметност која работи како куратор во Градскиот музеј во Бад Херсфелд, Германија.
Емилија Лазаревска магистер во областа на реставрација и конзервација на темперна техника, преку нејзиниот уметнички сенс несебично придонесе за креирање на визуелниот идентитет на оваа приказна.
Видео инсталацијата е на Сергеј Сарчевски, дипломиран директор на фотографија при универзитетот Westminster во Лондон, В.Британија.
Фотографиите се на Александар Ивановски, асистент Оливер Настески.
Проектот е од национален интерес во културата за 2022 година, и е поддржан од Министерството за култура на РСМ.
Изложбата ќе трае до 24 октомври 2022 година.