Мегафон

„Македонисимо“ на Симон Трпчевски на 14 септември пред македонската публика

„Македонисимо“ на Симон Трпчевски на 14 септември пред македонската публика

„Македонисимо“ е проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов. „Македонисимо“ ја спојува македонската народна музика со влијанијата на џезот и класичната музика. На концертот ќе бидат изведени 23 нумери, главно ора и по некоја песна.

Пет години по светската премиера во германскиот град Лудвигсбург, животниот музички проект на Симон Трпчески, „Македонисимо“, конечно ќе се изведе и пред македонската публика на 14 септември во 20 часот пред платото на Националната опера и балет.

Следните две избедби се во Штип на 25 септември и ден подоцна во Битола, на 26 септември. Влезот за сите настани ќе биде бесплатен. Во случај временските услови да не бидат поволни, концертот пред платото на НОБ ќе се изведе во салата на „Филхармонија“.

„Македонисимо“ е проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов. „Македонисимо“ ја спојува македонската народна музика со влијанијата на џезот и класичната музика. На концертот ќе бидат изведени 23 нумери, главно ора и по некоја песна.

Проектот „Македонисимо“ зачна одамна во мојата глава, можам слободно да кажам и во моето срце, бидејќи јас сум задоен, па пораснат со народната музика. Имено, мојата прва љубов е хармониката и на тој начин секогаш била вткаена дури и во целосното мое образование како музичка личност, целосното музичко образование кое што јас го стекнав во Македонија и отсекогаш верував дека потенцијалот што нашата народна музика го има доколку се преточи во еден поинаков музички јазик, да речам првенствено којшто доаѓа од класичниот музички свет може да се носи рамо до рамо и со самата класична музика на која што јас сум претставник, изјави маестро Трпчески на денешната прес-конференција.

Тимот на „Македонисимо“ квинтетот го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев. Албумот „Македонисимо“ го издаде британската „Лин Рекордс“.

Трпески кажа дека пред светската премиера, тој работел четири години на овој проект, а креативниот процес со композиторот Панде Шахов траел една година.

Со Шахов соработувавме многу блиску во процесот на создавањето на овој проект, за кој нескромно можам да кажам дека претставува нов музички стил. Се консултирав со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и со ансамблот „Танец“. Со овој проект ја претставуваме огромната разноликост на огромното фолклорно богатство од сите страни на Македонија, рече Трпчески.

Со оваа домашна турнеја ќе се одбележи и 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“, чија основна задача е токму поддршката на нашиот пијанист од светски глас.

Светската премиера на оркестарската верзија на „Македонисимо“ како што информираа ќе биде на виенскиот „Музикферајн“, сцената на која се одржува традиционалниот Новогодишен концерт. „Македонисимо“ квинтетот предводен од Трпчески на оваа престижна сцена на 2 март 2023 година од 20 часот ќе го придружува австрискиот Тонкунстлер оркестар, а под палката на нивниот шеф-диригент, маестро Јутака Садо од Јапонија, информираат од КултурОп.

To top