„И годинава Фолк вечерта на „Охрид фест“ ја продолжува музичката традиција поткрепена со нашите најдобри пеачи, кои ќе изведуваат песни на докажани авторски тимови“ – не информира Љупчо Соколовски, уметничкиот директор на првата, Фолк вечер на спомнатиот фестивал. Подготовките се во тек, се работи под полна пареа а сите музички гурмани, оние што го почитуваат македонскиот мелос нека го запомнат 2-ри септември, бидејќи тогаш ќе празнува народната песна на фестивалот.
Охрид фест“ со години им пркоси на модерни, современи продукциски технологии, автентичен е во звукот и мелодијата поради претпознатливата охридска песна. Фестивалот тежнее песните да го издржат тестот на времето, па во тој контекст, што ќе доминира годинава?
„Секако дека и оваа година ќе биде запазен мелосот на овој фестивал: виолината, тамбурата, кларинетот, мандолината… Ќе имаме 18 нови градски песни од веќе докажани композитори, текстописци, аранжери, сето тоа полеано со бисерните грла на нашите најдобри изведувачи. Патем, отсекогаш „Охрид фест“ асоцирал на староградски-медитерански мелос што се негувал со децении. Задоволен сум што продолжуваме под полна пареа.
Уметничкиот директор со селекцијата што ја прави, му дава особен белег на фестивалот. Која е вашата музичка цел и кои се учесниците што ќе ги видиме годинава?
„Пред се, сакам да имаме одличен фестивал, на македонската јавност да и презентираме 18 одлични песни а годинава ќе преовладуваат веќе докажани изведувачи и професионалци. Секако дека ќе има и дебитанти, кои со својот квалитет ќе го оправдаат учеството а за да снимките звучат професионално, аудио записите ќе бидат реализирани во професионални студија. Најдобрите песни ќе бидат наградени од стручно жири. По фестивалската вечер ќе имаме дружба со колегите како што порано често се правеше на овој фестивал, за да се чувствуваме како дома. Што се однесува до учесниците, ќе ја видиме и слушнеме нашата докажана фолк елита: Наум Петрески , Зуица Лазова ,Сузана Спасовска , Благоја Груевски , Катерина Танева, Стојне Николова, Ивана Наумова, групите „Академци“, „ Чардак“, потоа, Кирил Белистојаноски, Милован Секолуски, Петар Нечовски …, списокот не е конечен, но на сите изведувачи им посакувам успех на ова 29-то издание на „Охрид фест“.