По повеќе од шест години истражувачка работа, првиот том од капиталното дело „Македонска рок енциклопедија“ на музичкиот новинар Тошо Филиповски, конечно ќе биде промовиран пред македонската публика во вторник, на 8 мај, на платото пред МКЦ со почеток од 20.00 часот.
Станува збор за издание од 400 страници, со 333 македонски музички состави, со 2.000 споменати музичари и околу 400 црно-бели фотографии, чиј издавач е „Корпус деликти рекордс“. Содржи биографии на разни состави – рок, џез, блуз, електроника, хип-хоп, ворлд мјузик, поп-рок, панк, хеви-метал, реге, ска…, како и автори од периодот од 1963 до 2018 година кои создавале на тлото на Македонија, а со тоа активно дејствувале во креирање и развој на сцената.
„Пријатели, поддржувачи, музичари, почитувачи на сопствената музичка историја, чувари на културното богатство… ја очекувам вашата поддршка за капиталното дело ’Македонска рок-енциклопедија (1963-2018), Прв том’. Првите 500 примероци се во ограничен тираж, своерачно нумерирани и потпишани, со бонус македонска цеде-компилација (History of Macedonian Punk/HC Vol.1 1979-2001) + налепница“, пишува во соопштението за настанот.
Енциклопедијата чини 2.300 денари, а освен на самата промоција, во продажба ќе биде пуштена веќе следниот ден, на 9 мај, во сите музички продавници, книжарници и други места, за што ќе следи дополнителна информација.