Изложбата со наслов „Современа скултура“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија ќе се отвори на 01 јуни во Уметничкиот Центар АРТ ХАБ , ГТЦ 2 кат, локал 306 во Скопје со почеток во 20 часот. Изложбата се реализира со финасиска поддршка на Министерството за култура и сите љубители на уметноста може да ја разгелдаат до 10 јуни во работно време на галеријата од 11-18 часот.
Изложбите на ДЛУМ од програмските планирања се можност за групни рецентни претставувања. Бележење на современоста во медиумот скулптура бара континуитет во работата, истражување, и експериментирање низ материјали и можности. Уметникот низ возбудата на творештвото истражува низ формата и изразот, и таа негова авантура се материјализира до конечниот став на идејата. Ако скулптурата е поврзана со просторот и времето на доживувањето или пак совладувањето на формите, тогаш, ќе биде возбудливо на нашето око да му дозволиме, во амбиентот на оваа групна синтеза на претставување да се движи и мечтае. Ќе приметиме класична употреба на материјали во процесот на лиење (бронза, алуминиум), обликување на метал (инокс), комбинирани техники во метал, обработка на мермер и дрво, но и успешни идеи низ еколошки пристап на рециклирање на материјали сé до остварување на концептот.
Свежината на тие идеи се можеби поттик да се делува во актуелноста на современите движења не отстапувајќи од сопствениот идентитет на творец.
Оваа година се пријавија и учествуваат 12 уметници, Анѓел Димовски-Чауш, Димитар Илиевски, Душан Ѓеорѓиевски, Златко Бојковски, Златко Глигоров, Маја Танева, Марјан Стојаноски, Нела Јанковска, Ненад Тонкин, Перо Кованцалиев, Сашо Саздовски и Слободан Милошевски а како покровител на наградата ,,Боро Митриќевски”, поставено е и дело на еден од доајените на современата скулптура, Боро Митриќевски.
Семејството Митриќевски доделува награда секоја година за најдобра скулптура, оваа година наградата ја доби Ангел Димовски Чауш за делото со наслов „Танчерката на Дионис VII“ .