Мегафон

Драган Маринковиќ – Маца во Скопје и Битола со хит комедијата „Каква ти е жената, таков ти е животот“

Драган Маринковиќ – Маца во Скопје и Битола со хит комедијата „Каква ти е жената, таков ти е животот“

Познатиот комичар Драган Маринковиќ – Маца, доаѓа во Македонија со својата хит- претстава „Каква ти е жената, таков ти е животот“ и тоа во Скопје на 27 мај во Филхармонија, и во Битола, на 28 мај во Домот на културата. Претставата која го освои регионот досега ја имаат гледано повеќе од 40.000 луѓе, а Маца вели дека е среќен што ќе се дружи и со македонската публика. Билетите се продаваат на касата на Филхармонија и онлајн преку Mktikets.mk, додека веќе следната недела стартува и продажбата на билетите за претставата во Битола.

Во приказната на претставата, Драган Маринковиќ – Маца го претставува бракот на посебен начин кој никого не остава рамнодушен, а со шегите за односот помеѓу мажот и жената и вечните прашања на оваа тема, насмеа многубројна публика. Актерот уште еднаш покажа зошто е препознатлив како еден од омилените комичари на овие простори. „Морам да кажам дека секоја претстава што ја играм во различни градови во регионот помина, можеби не е скромно да се каже, но, совршено. Коментарите и реакциите на публиката се секогаш одлични, над моите очекувања. Знаев дека претставата е добро, но дека е толку добра, ме изненади. Зборувам за тема која нẻ засега сите, таа е проткаена со мноштво емоции, независно што во одреден момент ја доведува и публиката до солзи. Приказната е за машко – женските односи од сите агли, ја отсликува нивната реалност и времето во кое живееме“, вели авторот на претставата и актер во неа Драган Маринковиќ – Маца.

Претставата „Каква ти е жената, таков ти е животот“ ќе ве натера добро да размислите за себеси и за светот околу вас, бидејќи сме генерации кои не сакаат врска. Со поучната порака дека љубовта е смислата на животот, Маца на свој начин ја доближува оваа симпатична претстава до публиката, прикажувајќи човек кој веднаш по разводот, сопругата го избркала од дома и отишол во кафеана каде почнал да го преиспитува својот живот. Наспроти сẻ, додека ги прелистуваме апликациите со надеж дека ќе ја најдеме вистинската личност, посакуваме нашата сродна душа да ја нарачаме преку Интернет, додека читаме „Пет начини да дознаете дали му се допаѓаш“ и „Седум начини како да ја освоиш“ мислејќи дека можеме да ја програмираме и личност за врска како и онлајн проектот, доаѓаме и до сознанието дека ние сме тие што на крајот не сакаме врска.

To top