Легендарната македонска фолк пејачка Ленче Кукиќ пред неколку дена се закити со уште едно значајно признание кое овојпат дојде од нејзиното родно Босилово. Имено, градоначалникот Ристо Манчев и Советот на општина Босилово, на свечената седница по повод 70-годишниот јубилеј на општината и доделија Плакета за значаен придонес и промоција на општина Босилово во областа на музиката. Со овој гест покажаа дека кога вистинските луѓе ќе дојдат на вистински места, знаат и умеат да ги препознаат и вреднуваат и вистинските вредности!
Оваа плакета очигледно особено емотивно ја трогна пејачката, па таа преку својот Фејсбук профил јавно им се заблагодари на општинските челници за укажаната чест и внимание.
Оние кои добро се сеќаваат на Ленче од нејзините почетоци знаат дека нејзиното презиме е Дедејска и дека името го градела уште додека била девојче. Нејзиното појавување на естрадата беше вистинско освежување за музичката сцена, а музичките стручњаци ја прогласија за наследничка на легендарната Петранка Костадинова. Успешна кариера на пејачката трае повеќе од 30 години. Најпрво со групата „Пицикато“, а потоа како соло пејачка и сега со својот сопруг пејачот и музичар Горан Кукиќ. Настапувала на многубројни фестивали на народна музика, на многу сцени во Македонија, а Ленче е добитничка и на голем број награди: од успешен дебитант до први награда на жирито, награди за најдобра интерпретација и награди од публиката на многубројни фестивали.
Во последната сезона на регионалното музичко шоу „Никогаш не е доцна“, таа ја однесе победата со што ја запозна и целиот регион. Ленче Куќиќ во текот на целото шоу добиваше само позитивни коментари од страна на жирито, а во една прилика Ацо Пејовиќ ја нарече и македонската Адел.
Инаку, неколку сезони пред неа, победата ја однесе и нејзиниот сопруг Горан Кукиќ!
По оваа победа стана многу барана и во регионот, на просторите на поранешна Југославија, а наскоро за „Гранд продукција“ треба да излезе и нејзиното ЦД со македонски и српски песни, со што за Ленче се отвора едно ново, уште поинтересно поглавје во кариерата.
Таа заедно со сопругот веќе често настапуваат во соседството, а нејзината новоснимена песна „Бисер“ за „Гранд продукција“ е вистински хит.
Фото: Фејсбук принтскрин/Lence Kukic