Додека судијката Софче Гаврилова-Ефремова ја образложуваше одлуката за пресудата во случајот „Меѓународен сојуз“, првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 бурно реагираше нарекувајќи ја „слуга на Заев“.
„Најголемата хиена, слуга на Зоран Заев. Оваа пресуда е доказ дека си слуга на Зоран Заев, но Господ казнува, не казнуваш ти“, рече Јовановски кој во случајот доби 9 години затвор.
Судијката, пак, откако еднаш го опомена да не зборува, потоа нареди тој да се изнесе од судница.
Со придружба на затворската полиција од „Идризово“, од каде тој беше спроведен и каде ја издржува затворската казна за „Рекет“, Јовановски ја напушти судница.
Зборови не штедеше ниту неговиот татко, Миле Јовановски, во неговата изјава пред медиумите.
„Дефинитивно денеска умре правдата во Македонија, умрено е обвинителството на госпоѓица Русковска, судството на господинот Џолев и неговите јастреби. Денеска одмазднички пресуди, без никакви докази, тие си ги местат како на нив им одговара. Значи, Македонија нема правда, од дон Заев само пипците уште му се останати“, рече Миле Јовановски.
Тој во предметот се гонеше за помагање во делото перење пари и за неовластено држење оружје и за што беше прогласен за виновен и доби условна осуда од 2 години затвор кои нема да се извршат ако во наредните пет години не стори нови кривично дело.
Во предметот, осудителна пресуда од четири години затвор доби и Јасна Ерцеговиќ која беше заменик-претседателка на Меѓународниот сојуз, како и асистентката на Боки, Христина Блажевска која беше осудена на едногодишна затворска казна. Поранешната пратеничка од СДСМ и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски, пак, доби ослободителна пресуда.