Старите фотографии од детството се тие кои не враќаат во најубавите години… време на безгрижност, игри, дружење со другарите, за некого можеби и време на првата љубов… Тие се тука да не потсетат дека времето лета, а со годините и ние се менуваме. И како личности, но и физички. некој добива, како вишок килограми на пример, некој губи, како забите или косата…
Ама не е важно важно е да се зачува физичкото здравје, кондицијата и здравиот дух… Се друго се надоместува! Но старите фотографии понекогаш можат да послужат некому и како доказ. Како на пример, на популарниот охридски радио и ТВ водител Жанко „З’ш“ Голабоски.
Познат е како голем љубител на природата, ама и голем шегаџија, најчесто, на сопствена сметка. Така и овој пат, Жанко реши на сите „неверни Томовци“ да им покаже и докаже дека некогаш и тој имал коса, а немал брада и мустаќи! Добро не баш кога се родил, ама посочената фотографија е некаде од првите училишни или последните предучилишни, првоодделенски денови.
Охридските сеирџии пак, не би биле тоа што се, да не му вратија со нова „закачка“, задевајќи го дека „мамит“!
Жанко пак, одново им врати, дека ако не веруваат каков бил како дете, сега ќе им покаже каков ќе биде како старец. И направи нов фото-скок… Од минатотото, директно во иднината!