Мегафон

Православните христијани го празнуваат Свети Трифун

Православните христијани го празнуваат Свети Трифун

Светиот маченик Трифун е роден  во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да  помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј, Свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна во 250 година.

Православната црква го слави св. Трифун како поим за младост и доследност кон христијанските традиции. На иконите, тој е претставен или со сорче за режење лозје или со наметка како чувар на гуски. Православната црква неговиот ден го чествува на 1 февруари според Јулианскиот календар т.е. на  14 февруари според  Грегоријанскиот календар како ден на лозарите и градинарите, а тој се смета и како покровител на меанџиите. Традиционално, на 14 февруари се врши обредното закројување на лозјето, а некои овој ден го сметаат за последен од зимските и за прв од пролетните празници.

Во некои краишта на Македонија, како Охрид и Прилеп, овој празник е познат и како Св. Трипун -пијаницата. Во повеќето краишта на Македонија, на денот на св. Трифун рано наутро се одело в црква кадешто попот пеел молитва и светел вода. Луѓето зд оваа вода, за која се смета дека е ослободена од  демоните и има лековита моќ, а потоа со неа ги прскале лозјата. Во Тиквеш, рано наутро, лозарите оделе во лозјето, каде закројувале неколку лози кои ги полевале со  вино, а потоа ги благословувале со зборовите: „Господе, ти давам едно шише со вино за илјада да ни подариш.“ Во Ваташа, пак, лозарите се тркалале низ лозјето за така да се тркалаат и бочвите со вино. Во ова село било обичај, по закројувањето на лозјето, попот да забоде запалена гламја во дворот на црквата, со цел да се забрза заминувањето на зимата.

To top