Очекувањата за новиот филм на Квентин Тарантино скоро да не можат да бидат повисоки. Најпрво беше најавено дека Бред Пит и Леонардо Ди Kаприо ќе ги толкуваат главните улоги, а сега доаѓаат и пофалби за сценариото, кое беше опишано како „најдобро во последните 30 години“.
Сместен во Лос Анџелес во 1969 година, новиот филм на режисерот Квентин Тарантино, наречен „Once Upon A Time“ раскажува за едно поинакво време во кое Холивуд беше романтизиран, но недостижен за многумина.
Целосната екипа која работи на филмот веќе го прочита сценариото, а првите коментари сугерираат дека ќе гледаме филмска класика преточена на сребреното платно преку визијата на мајстор каков што е Тарантино. Фановите на „класичниот Тарантино“ ќе бидат многу среќни по изјавата на режисерот, кој вели дека „Once Upon A Time“ е најблиску до „Pulp Fiction“ од сите негови претходни филмови.
„Ова е најдоброто филмско сценарио кое го имам прочитано во изминатите триесет години. Ако постои нешто кое е блиску до ова, тогаш тоа е сценариото на ‘Pulp Fiction’“, рече Тим Ротман, директор на Sony Pictures.
Снимањето на „Once Upon A Time“ не е започнато, а Тарантино најави дека има намера да го претстави Лос Анџелес онаков каков што беше во 1969 година, па затоа ќе треба подолго време да се работи на локациите и снимањето.
Заплетот на филмот треба да биде на некој начин поврзан со убиствата на Култот на Чарлс Менсон, поточно со убиството на актерката Шерон Тејт.