Главна ѕвезда на вечерта ќе биде еден од највлијателните џез-музичари во светот, американскиот саксофонист Дон Менза. Овој врвен уметник, кој е и композитор и аранжер, роден во 1936 година, создаде дела кои оставија силен печат на светската музичка мапа.
Како диригент, пак, ќе се претстави маестро Зиги Фајл од Австрија, кој настапи и на првото издание на Меѓународниот ден на џезот во Скопје. Светски реномираниот диригент и професор на Џез-универзитетот во Грац, се смета за едно од најистакнатите имиња кога станува збор за диригирање со биг-бенд состави.
Покрај Дон Менза и Зиги Фајгл, вечерта во Македонската филхармонија ќе настапат и два други инспиративни музички состави кои негуваат различен тип на џез-музика: Гоце Стевковски Секстет и Михаил Иосифов Квинтет од Бугарија. Бендот на познатиот тапанар и композитор Гоце Стевковски, ќе ги претстави најновите звучни остварувања.
Инаку, пред стартот на официјалната музичка програма, настап ќе имаат студентите од Џез-катедрата при Факултетот за музичка уметност во Штип, џез-ансамблите кои функционираат во рамки на катедрата за популарни жанрови при Факултетот за музичка уметност од Скопје, како и џез-хорот „Артизан“.
Неколку денови пред официјалната манифестација во Скопје, Меѓународниот ден на џезот со мини патувачки џез-караван ќе се одбележи и во други градови во земјава. На 26, 27 и 28 април во Охрид, Велес, Битола, Кавадарци, Штип и Прилеп, концерти ќе одржат шест фантастични македонски бендови: „Кабадајас“, „Летечки пекинезери“,Триото на Оливер Јосифовски, „Џезна“, Тони Китановски и „3јеct“.