В среда, на први декември од 20 часот во Македонската филхармонија Биг бендот на Здружение на џез музичари ќе свири музика на легендарниот и авангарден музичар Френк Запа.
Диригент на концертот е Австриецот Зиги Вајгл, кој ги водеше концертите на ЗЏМ на кои претходно се свиреше музика на „Битлси“, Дон Менза и „Рејдиохед“.
Френк Запа претставува една од најкарактеристичните музички фигури кои го одбележаа 20-тиот век и се смета за еден од најиновативните и стилски најразновидните музичари на неговата генерација. Тој е американски музичар, композитор, текстописец и водач на бенд чија работа се карактеризира со нонконформизам, импровизација во слободна форма, звучни експерименти, музичка виртуозност и сатира на американската култура.
Во својата кариера, долга повеќе од 30 години, Запа компонира во рамките на рок, поп, џез, џез- фјужн музика, создава оркестарски и Musique concrète дела (музика која користи снимени звуци од природата) и ги продуцира речиси сите, повеќе од 60, албуми издадени со неговиот бенд Mothers of Invention и како соло уметник. Тој, исто така, режирал долгометражни филмови и музички спотови, и дизајнирал корици на албуми.
Запа накратко експериментирa со биг бендови во раните 70-ти и повторно за време на неговата последна турнеја во 1988 година, но неговата музика совршено се адаптира за биг бенд изведба.