Мегафон

Децата од „Дајте музика“ ќе ја претставуваат Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2021

Децата од „Дајте музика“ ќе ја претставуваат Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2021

На 19-тото издание на Јуниорскиот Евросонг 2021, земјава ќе ја претставуваат група деца од мегапопуларниот детски телевизиски серијал „Дајте музика“.

Оваа година, Јавниот радиодифузен сервис МРТ реши да го искористи правото на интерна селекција и избор на претстaвник на оваа престижна манифестација, согласно со актуелната состојба од пандемијата на Ковид-19 и воведувањето на новите заштитни мерки и протоколи.

„Дајте музика“ е копродукциски проект на Македонската телевизија, кој е еден од најпопуларните и најгледани телевизиски програми за деца кај нас. Во него, главни протагонисти се токму групата мошне талентирани актери и пејачи кои за кусо време станаа идоли на новата генерација. Со продукција на повеќе од 80 песни, на кои веќе три години работат дел од најпознатите македонски композитори, со издадени два албума (ЦД), милионски прегледи на музичките платформи на нивните нови детски хитови, проектот „Дајте музика“ се вбројува во една од најуспешните музичко-забавни детски програми што ги освои симпатиите на публика.

Песната со која ќе се претстави нашата земја ќе биде избрана и промовирана во следните неколку месеци. На неа ќе работат композитори кои веќе соработуваат во проектот и добро ги познаваат вокалните и артистичните капацитети на децата од шоуто.

За потсетување, оваа година 19. издание на Јуниорскиот Избор за Песна на Евровизија ќе се одржи на 19-ти декември во спектакуларната концертна сала „La Seine Musicale“, во градот на светлината, Париз, по победата која Валентина и ја донесе на Франција, а францускиот Национален сервис како домаќин и ЕБУ ветуваат одлична програма. Секако, со директен пренос на програмите на Македонската радио телевизија.

извор: курир.мк

To top