Италијанската национална телевизија (RAI) и ЕБУ соопштија дека Торино ќе биде домаќин на Евровизија 2022. Пет града биле во конкуренција за домаќин: Торино, Милано, Римини, Песаро и Болоња. Престижното натпреварување ќе се одржува во салата „PalaOlimpico“, и тоа двете полуфиналиња на 10-ти и 12-ти мај а финалето на 14-ти мај.
„Имаме простори со соодветни капацитети, во срцето на градот и лесно достапни. Што се однесува до гостопримството, нашата понуда за сместување може да прими илјадници луѓе што ќе дојдат на овој настан. Исто така, веќе докажавме дека можеме да организираме меѓународни настани со текот на годините и дека сме способни да ги ставиме вештините на цел град во служба на Евровизија. Исто така, благодарение на овие настани, Торино стана центар на „Рајанер“, гарантирајќи уште повеќе воздушни врски помеѓу Торино и остатокот од светот“ – изјави градоначалникот на Торино.
Торино е совршен избор за домаќин, смета и извршниот супервизор на Евровизија.
„Како што видовме за време на Зимските олимписки игри 2006, „PalaOlimpico“ ги надминува сите барања потребни за да се организира глобален настан од вакви размери и бевме многу импресионирани од ентузијазмот и посветеноста на Градот Торино, кој ќе дочека илјадници фанови следниот мај. Ова ќе биде прв натпревар за песна на Евровизија што ќе се одржи во Италија по 30 години и, заедно со нашиот радиодифузер RAI, сме решени да го направиме специјален“ – додава извршниот супервизор Мартин Остердал.