Петтото издание на Медиумскиот фестивал Скопје започнува утревечер (5 октомври) во 20 часот, со дискусија посветена на годинешната фестивалска тема „Жените во медиумите“.
Истражувачката новинарка Сане Терлинген од Холандија и Елиса Муњос, раководителката на Меѓународната медиумска фондација на жените (IWMF) ќе разговараат за позицијата на жените во медиумската сфера и предизвиците со кои се соочуваат новинарките денес.
Богатата фестивалска програма ќе биде презентирана онлајн на Фејсбук страниците на ПИНА и МФС, а македонската публика ќе има можност да проследи и низа филмски остварувања кои преку фестивалската платформа на Cinesquare.net на CutAway и сајтот mfs.mk ќе бидат достапни за времетраењето на Медиумскиот фестивал Скопје, од 5 до 8 октомври 2021 година, како и неколку дена по завршувањето на фестивалот.
Годинешната програма повторно вклучува бројни говорници од земјава и странство, а содржи и разни дискусии, работилници и интересна филмска програма.
„Жените во медиумите“ е издание посветено на предизвиците и успесите на жените новинарки и филмаџики, тема која организаторките од ПИНА нагласуваат дека е логичен избор за овој мал фестивалски јубилеј. Во духот на водечката фестивалска тема ќе се анализираат повеќе аспекти поврзани со локалната новинарска сфера, со новинарки од домашната медиумска сцена, а ќе гостуваат и интересни говорнички од повеќе земји.
Публиката ќе може да проследи работилница за продуцирање поткасти каде Сузане Клингнер (Германија) ќе ги воведе учесниците во основните правила за успешен аудио-производ за современиот пазар, а работилницата, како и останатите фестивалски настани е бесплатна за публиката.
На Медиумскиот фестивал Скопје ќе ја видиме и наградуваната Катрин Гишеру (Кенија) која ќе зборува за вмрежувањето новинарки од неколку држави во Африка овозможувајќи им квалитетно известување во време на пандемијата и услови за професионално напредување.
Во богатата филмска програма од дури осум македонски премиери, фокусот е ставен на жената, а се провејуваат и уште неколку актуелни теми. Програмата ги вклучува „Лучадорас“ за жените во боречките рингови во Мексико; „Пејсажи на отпорот“, патување низ спомените на партизанката Соња; „Фемократија“, за подемот на политичарките во Германија; „Игра на сенки“, филм за голготата на бегалците низ Европа, сниман експериментално во тек на три години; „Нејзината социјалистичка насмевка“ за активистката Хелен Келер; „Зад насловите“, ексклузивен увид во работата на истражувачките новинари од „Зиддојче Цајтунг“; „Дипломати на продажба“ за злоупотреба на дипломатски пасоши; краткиот „Драг-манифест“ и холандскиот добитник на „Еми“ и кандидат за „Оскар“ за најдобар документарен филм „Ме викаат Бабу“.
Медиумскиот фестивал Скопје е настан во организација на ПИНА – Платформата за истражувачко новинарство и анализи, кој годинава се реализира во партнерство со Канцеларијата на Фондацијата Фридрих Еберт Скопје како и Холандската амбасада во Скопје, заедно со поддржувачите УНХЦР Скопје и меѓународната организација Цивил Рајтс Дефендерс.