На 18 септември 2021, во дворот на Кинотека на С. Македонија, со почеток во 19 часот ќе започне седмото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Филмот што ќе го отвори Фестивалот е уметничкиот филм „Кога ќе се родиме“ во режија на Винсент Мун, за филмскиот композитор Олафур Арналдс, којшто е воедно и „Артист во фокусот“.
Вториот филм што ќе биде прикажан е биографскиот филм за легендарниот џез-уметник Мајлс Дејвис Birth of the Cool, во режија на Стенли Нелсон. Оваа година се навршуваат 30 години од смртта на овој уметник чие име е синоним за џез-музиката. Мајлс е човек кој со својата музика и добар вкус неколкупати го менувал текот по којшто се движела музиката и неговите успеси, живописен живот и карактер се тема на овој двочасовен филм.
Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт Скопје во соработка со Кинотека на Македонија, Гете Институтот и фондацијата Милан Младеновиќ. Визуелните решенија се дело на Дијана Димитриевска. Фестивалот ќе се организира во два блока, 18-19 септември и 20-21 септември. Сите проекции ќе почнуваат во 19 часот и билетите ќе можат да се набават само на касата.